Кога некоја од ергелата Кардашијан ќе се најде на насловната страница на магазин, тој број се продава помалку од просечниот тираж на тој магазин, покажало аналитичко буриричкање по медиумските цифри на новинарката Александра Стаиград.
На пример, просечниот тираж на Космополитен во првата половина од минатата година изнесувал 531,086 примероци. Кога на насловната ја истопориле Кајли Џенер, тој број се продал во 495,423 примероци а семејната фотка на семејството во друг број минала уште послабо, со 436,500 копии.
И просекот на магазинот Glamour од 193,108 примероци бил торпедиран од Ким Кардашијан која продала 164,918 копии а мајската насловна на GQ's со Кендал Џенер поминала со 10К послабо од просекот.
За иронијата да биде најперверзна, единствената женска од тој риалити клан што и натаму ги продава магазините на чии насловни се појавува е Кејтлин Џенер. Vanity Fair вообичаено продава по 164.000 копии од бројот но јулскиот број со штотуку преобратениот Брус во Кејтлин пламна во 400.000 копии.
Многумина сметаат дека е тоа најслатката одмазда на мажот кој го смени својот пол а луѓето го памтат како некој кој е во постојана сенка на алфа женките од кланот.
И ТВ рејтинзите на оваа семејна франшиза одат по надолна линија: последната епизода од најновата сезона на реалното шоу имаше под 2 милиона гледачи. За споредба, интервјуто на Брус/Кејтлин го видоа рекордни 16,9 милиони гледачи.
Се разбира, сите риалити женки од ова трло и натаму се ужасно популарни а империјата им е стабилна и тешка над 100 милиони долари. Но, едноставно ги има премногу на интернет за некој да одвои пари за да ги види и во магазин.