Пред околу една деценија Спајк Џоунс (да тој Спајк Џоунс) успева да го убеди ко-основачот Шејн Смит и неговите колеги, да се фокусираат на онлајн видео во време кога започнува експанзијата на овој медиум (благодарејќи на ЈуТјуб). Смит и колегите ги снимаат видеата кои потоа се аплоудираат на интернет, со што Вајс добива уште поголема публика. Во 2008-ма, Смит и негов колега тајно го снима Водичот на Вајс за Северна Кореја, со камера која ја шверцува во земјата снимајќи се' што ќе видат.
Од тогаш растот на вредноста и популарноста на Вајс се во меѓусебна брканица. Во 2011-та, маркетинг групацијата ВПП купува 10% од компанијата за 35 милиони долари, со што нејзината вредност изнесува 350 милиони долари. Во 2013-та Фокс на Руперт Мурдок купува 5% од компанијата за 70 милиони долари, со што таа скока на 1,4 милијарди долари. Лани А&Е (кабелска групација во сопственост на Волт Дизни) плати 250 милиони долари за 10%. Сега вредноста на Вајс е 2,5 милијарди долари. (Последниот договор предвидува дека Вајс наскоро ќе добие и свој канал на кабелска телевизија.)
За 2015-та приходите на Вајс се очекува да достигнат над 900 милиони долари. Во 2014-та им беа 500 милиони долари. По основа на овој раст вредноста на компанијата се проценува на 4 милијарди долари.
Од ова за сега најголем финансиска ќар имаше Шејн Смит, кој е и најголем акционер во компанијата. Годинава се крена галама околу него откако во Лас Вегас на блек-џек доби 1 милион долари, од кои 300.000 ги потроши на вечера за 30 колеги и бизнис партнери. "Сметката беше толку голема што заслужи да биде спомната во извештајот за заработувачката на МГМ ресорст, групата која го поседува Белаџио."
Појавувањето на Џоунс во компанијата е сосема случајно. Тој го открива магазинот во трафика додека работи на Да се биде Џон Малкович. Прилично воодушевен од списанието, тој му се јавува на Шејн и договара ручек со него. Двајцата "кликнуваат" и стануваат пријатели. Џоунс објаснува дека уште тогаш Шејн прави незамисливи репортажи, како "обид да купи нуклеарна бомба во Бугарија," се што тој му предлага на Шејн е со себе да почне да носи и камера. Шејн го слуша советот, по што започнуваат видео репортажите на Вајс, а Џоунс во меѓувреме станува креативен директор на компанијата и помага во создавањето на дивизија за документарци, која со тек на време еволуира во Вајс њуз.
"Се чувствува како да измислуваме новинска организација која е базирана на нашиот обид да го разбереме светот во кој живееме, не со тоа што сме професионални новинари туку со тоа што сме љубопитни. Луѓето во Вајс доаѓаат од магазини, јас доаѓам од магазин ама имам правено и нешто со филмови... сите ние заедно се обидувавме да го создадеме јазикот на ова и да го користиме видеото за да ги раскажуваме приказните," му објаснува Џоунс на новинарот од Фајненшл Тајмс.
На прашањето што е следно за Вајс, Шејн гледа три опции:
"Би можеле да се продадат на поголема компанија и да функционираат полу-автономно (како пример го дава Тед Тарнер кој го продаде СиЕнЕн на Тајм Ворнер). Може да се обиде со излегување на берзата во Њујорк. Или би можело да бара трета опција и да остане во приватна сопственост без излегување на берза."
- ако случајно не сте ги гледале Вајс репортажите за ХБО