Новиот шеф на оваа кабловска мрежа има брејкинг њуз за вработените: “Не е сè брејкинг њуз“. Во белешката до нив Крис Лихт им порачува да проретчат со прикажување на банерот за вонредни вести.
„Ние сме кажувачи на вистината, фокусирани на информирањето а не на алармирањето на гледачите“ им пишал тој наведувајќи дека од многу страни добил забелешки дека се претерува со таквиот сензационализам.
CNN, на пример, ја имаат користено ознаката „Вонредни вести“ и за сторија за 102 годишнината од потонувањето на Титаник.
Гледаноста на CNN и натаму тоне. Ако пред неколку месеци беше шокантно што паднаа под еден милион гледачи во ударниот термин, според последниот извештај, во мај завршиле со само 660.000 гледачи. Во истиот термин Фокс успеале да заинтересираат 2,7 милиони гледачи.
И сите заедно не му можат ништо на Џо Роган.
„Водено од ритамот на интернет економијата и наркоманската зависност на читателскиот аудиториум од постојани информативни дразби, новинарството престанува да биде трансфер на информации и знаење и се сведува на тоа кој ќе склопи похистеричен ремет меѓу публиката“, пишавме уште во 2018 година во статијата „Брејкинг њуз: Нема веќе брејкинг њуз“