Јади, вежбај, јади, вежбај....

Овој едноставен рецепт за стил на живеење е добар начин да се дојде до поубаво тело. И одличен начин да се закачи мускулна дисморфија, пореметување кое зафаќа сè повеќе мажи, во нивната трка и неможност да постигнат „идеално“ тело по кое офкаат.

Идеализираното машко тело станува сè поголемо и покрупно и сè потешко за достигнување. А мускулна дисморфија е опсесивно пореметување кога на човек неговото тело секогаш му изгледа мало и слабо па опсесивно се посветува да го подобри и направи посилно и поголемо. Се нарекува и обратна анорексија односно бигорексија и околу 30% од оние што ја имаат, се соочуваат и со пореметување во исхраната. 

Како резултат на културолошките ветришта, мускулната бигорексија која главно ги зафаќа мажите е во пораст па се проценува дека денес, 22% од машките на возраст 18-24 имаат некаков облик на ова пореметување. Односно дека секој 10-ти човек во теретана е таков. Не значи дека ако дигаш 180 кила на бенч автоматски си пореметен, но кога вежбањето и режимот на исхрана ти стануваат доминантна работа во животот, кога ти влијаат врз сите однесувања, дома, на работа и со пријателите, тогаш човек има проблем.

Со денешните набилдани тела, дечките ќе беа сметани за сељачишта во времето на Боуви или Џегер, кога во мода беа тенки, андрогини машки тела. Или ќе изгледаа милитантно што исто така не ќе беше позитивна асоцијација бидејќи 70-тите беа време на бунтови против војните во Виетнам и други места. Но потоа дојде ерата на Реган, па се појавија ликови како Шварценегер и Сталоне. Кечерите се појавија на почетокот на 80-тите па ѕвезди стануваа фаци како Хулк Хоган.

Но, како што женските модни магазини не ја предизвикуваат анорексијата, така и Двејн Џонсон или Крис Хемсворт не можат да бидат виновни за бигорексијата или за тоа што цели орди мажјаци по цели денови висат по теретани, пумпаат мускули и никогаш не им е доста. Зад мускулната дисморфија стојат комплексни причини, некогаш во прашање е самодовербата, или пак тоа дека некој бил малтртиран како дете од локални вагабонти.

Но, без сомневање, трендот е помогнат од популарната култура која е навлезена и во детските соби. Една студија покажа дека акционите фигури кои ги собираат маливе, во последниве 25 години стануваат сè повеќе искварцани.

Посебен проблем околу мускулната дисморфија е земањето стероиди и други средства за подобрување на изгледот и перформансите. По некои проценки, такви чуда голтаат и боцкаат еден милион Британци.

 

17 јули 2019 - 21:13