Година на разумни одлуки

Знаеш дека си претерал со пиење на божиќна ноќ ако си почнал да пиеш како Томас а си се разбудил како Селин Дион.

Веројатно и 30 годишниот Томас Дод од Стафордшир, Велика Британија, бил еден од оние кои на истекот на 2020-та година, верувал дека 2021 ќе му биде година на разумни одлуки. Рано е да се суди, но, како почнал, до крајот на годината можно е и да залае.

Во една од празничните вечери, овој 30 годишен фан на Селин Дион претерал и со вино и со слушање на нејзин концерт па во алкохолизирана состојба седнал на лаптоп и пополнил формулар за промена на своето име. За жал, изгледа не бил до толку пијан пошто формуларот го пополнил исправно па набрзо му стигнале платените сертификати дека отсега официјално се вика Селин Дион.

Откако се отрезнил сфатил што сторил но вели дека не брза да си го врати старото име, поучен од искуството дека во брзање се прави свашта.

Во маалото е нов па не мора никому да му се претставува а малку му е проблем како ќе се разбере со ХР департментот во компанијата во која работи.

Вели дека мајка му на почетокот била шокирана од глупавиот потег на Селин кого го родила како Томас ама ѝ објаснил дека тоа пијанство можело да заврши многу полошо, на пример ако се прекрстел во Борис Џонсон.

 

2 јануари 2021 - 20:30