На Џервејс комплетно му е јасно дека успехот на Трамп е што тој се наметна како контратежа на претераната и сеприсутна политичка коректност, бидејќи "луѓето се уморни да слушаат како некој им кажува дека има работи што не смеат да ги зборат, па одеднаш тој е пример на човек кој збори се што ќе му падне на памет, без разлика колку е тоа страшно."
Нему многу повеќе му е нејасно што сите се чудат како Трамп успеа да ја добие номинацијата (кај да е) кога "живееме во свет во кој има предупредувања на шишињата со варикина - ги предупредуваме луѓето дека не треба да пијат варикина. Во таков свет Трамп може да биде претседател. Па во таа смисла, добивте тоа што го заслуживте."
Околу постојаната навреденост на јавноста од најразлични изјави, а посебно вицови и шеги, Џервејс објаснува дека обично се навредуваат "луѓе кои ја мешаа метата на вицот со темата на вицот, а тоа ретко кога е иста работа."
"Јас лично не сакам да правам шеги за работи на кои луѓето не можат да влијаат - бојата на нивната кожа, полот, кога се родени - ама речиси со се останато може да се работи. Па кога си на стенд-ап ти кажуваш анегдоти, а вицот доаѓа на крај. Обично кога е шега, знаеш дека е шега, и го чекаш изненадувањето.
Во мојот материјал често пати не знаеш дека е шега се до изненадувањето. Имав еден виц за Нелсон Мандела, почнував со 'Каков маж, по 25 години во затвор, 10 години е на слобода и нема направено никаков прекршок... што само покажува дека затворот помага.' Они мислат дека сум тргнал во еден правец и почнуваат да аплаудираат, и им покажувам дека сум идиот," објаснува Џервејс.
Тој порачува дека бил сосема погрешно сфатен пред некоја година на Златните Глобуси кога рекол дека Златниот Глобус за специјални ефекти треба да го добијат луѓето што го фотошопирале постерот за Сексот и градот 2, што го дополнува со "девојки знаеме колку години имате, една од вас ја гледавме во епизода од Бонанза."
"Ким Кантрал изјави дека е ужасна шегата бидејќи била дискриминаторска заради нејзината возраст. Ама не е така. Таа беше спротивна на дискриминација. Јас само кажувам 'Зошто само му се потчинувате на Холивуд? Нема ништо лошо во тоа да си 50-годишна жена. Зошто само ги правите работите полоши за сите? Зошто мора да имате 20 години? Па не мора да имате 20 години,'" изјавува британскиот комичар.
Сличен став има и за нападите што ги доби околу вицот за Кетлин Џенер на годинешните Златни Глобуси, кога честитањето за рушење на бариерите и стереотипите за трансродовите луѓе, го завршува со "ама не помогна многу околу (стереотипите) за жените возачи." (Кетлин Џенер претходно имаше сериозна сообраќајка.) Неговото објаснување е "искористив стереотип за жени возачи во виц со трансродова личност, со што нејзе ја препознавам како жена. Оваа шега не е трансфобична."
Неговото објаснување зошто денес сите се гневни е дека пред десетина години си требал да седнеш и да напишеш писмо за тоа што те налутило, па најголем дел од луѓето само што ќе се зафателе со оваа работа им минува меракот и баталуваат, а денес тие можат да твитаат:
"И они можат да твитаат додека уште се гневни, па ова започнува војна. Не ги гледав годинешните Оскари, ама го читав транскриптот на Крис Рок. И мислам дека беше брилијантен.
... Вицот за тоа дека кога баба ти виси обесена на дрво баш и не ти е гајле кој добил Оскар за кинематографија е спектакуларно вешта шега. И самото тоа што тој можеше да ја каже, и што е толку точна, е прекрасно."
Без да има прецизни бројки, Џервејс чувствува дека сигурно има некоја статистика која покажува дека без разлика која шега ја кажуваш ќе добиеш ист процент на луѓе на кои им се "допаднала", "ги разгневила", "не им се допаднала", "не ја гледале". И како што оваа шега добива повеќе публицитет, овие проценти не менуваат, само питата расте.
"А социјалните медиуми им даваат повеќе кредибилитет на кавгите отколку што тие најчесто заслужуваат, бидејќи сега имаш 'Крис Рок го разгневи интернетот со неговата шега за тоа и тоа.' Поксигрл415 вели 'Одвратно'. Настидринк613 вели 'Треба да го исфрлат од телевизија'. Ќе ти покажат два твита и тоа е 'разгневен интернет.' Не бе, не е. Има 7 милијарди луѓе на планетава. Некои од нив се во воени зони. Некои умираат. Некој само што виде како прегазуваат некого. Никој од нив не е гневен од тоа што комичар кажал виц за некоја славна личност. Они не се гневни. Они само твитнале," порачува Џервејс.