Јадеме еден те ист зеленчук

Тоа не само што не досадно туку и е проблем, како за луѓето и нивната исхрана, така и за шареноликоста односно биодиверзитетот на растенијата што се јадат. Масовното земјоделско производство форсира многу мал број култури додека други се соочуваат со исчезнување. Јадеме пет, шест, седум зеленчуци, додека во светот постојат речиси 1.500. 

Кон крајот на јули, меѓународен тим научници повика на координиран глобален напор за „спасување, зачувување и подобро искористување “ на зеленчукот што не се одгледува во големото земјоделство, предупредувајќи дека денешните системи за храна премногу се потпираат на мал број познати култури.

Извештајот како примери го наведува растението пајак во Африка, горчливата тиква во Азија и лизгавата зелка во Јужниот Пацифик како примери за зеленчук што би можел да ја диверзифицира нашата исхрана, а воедно да му помогне на земјоделството да се прилагоди на климатските промени.

„Решението не е само да се одгледува повеќе зеленчук. Треба да се одгледуваат и повеќе видови зеленчук“, порачува Мартен ван Зоневелд, земјоделски научник кој го водеше истражувањето.

Во светот постојат најмалку 1.480 видови зеленчук што се јадат.

Апелот е овие видови да се држат во живот бидејќи биодиверзитетот на зеленчукот брзо се намалува. Меѓу дивите роднини на 79 главни растителни култури една од четири е загрозена од истребување.

Во меѓувреме, напорите за истражување и размножување остануваат концентрирани на релативно мала група комерцијално важни култури, како што се доматите и пиперките, додека добар дел од зеленчукот богат со хранливи материи добива многу помалку внимание.

„Зачувувањето на биодиверзитетот на зеленчукот не е само заштита на минатото. Станува збор за обезбедување повеќе опции за иднината,“ порачува Колин Кури, лидер на непрофитна организација посветена на зачувување на разновидноста на културите.

Според истражувачите, луѓето ширум светот јадат, во просек, околу 40% помалку зеленчук отколку што препорачува Светската здравствена организација. Тој број расте само во земјите со пониски приходи, а недоволниот внес на зеленчук се рангира меѓу петте водечки фактори на ризик од болести во исхраната на глобално ниво.

Различен зеленчук во помал обем е подобро прилагоден на локалните услови за одгледување од увезените сорти и може да обезбеди повисоки нивоа на витамини и минерали.

 

24 август 2026 - 11:12