Ерик Ајдл сподели дека рокери и рок бендови биле меѓу битните финансиски донатори благодарејќи на кои во 1975 година се појави нивниот филм „Монти Пајтон и Светиот Грал“.
Лед Цепелин вложиле, по денешна вредност, 336.000 фунти, Пинк Флојд учествувале со 224.000 фунти а Јан Андерсон од Џетро Тал дал околу 70.000 фунти за да може филмот на Монти Пајтон да биде снимен.
Финансиери на филмот биле и продуцентот на Светиот Грал, Мајк Вајт како и неколку музички издавачки куќи, меѓу кои Карисма, Исланд и Крисалис Рекордс.
Вкупниот буџет на филмот изнесувал нецели два милиона фунти. Досега има заработено 175 милиони долари.
Ајдл вели дека ниеден од финансиерите не дошол да им досаѓа додека снимале во Шкотска и на шала додава дека и со толку обезбедени пари, сепак немале доволно за да изнајмат коњи.
За Житието на Брајан сите благослови одат кон Харисон од Битсли. Откако ЕМИ ја откажале финансиската поддршка за филмот, Ајдл му се има јавено на Харисон барајќи некако да помогне. Тој само кусо му рекол: „Средена работа.“
„Никој не веруваше во Брајан освен Џорџ Харисон кој стави свои пари во него. Никогаш немаше да успееме да го снимиме ако тој не ја стави под хипотека својата куќа за филмот да биде реализиран,“ своевремено обелодени Ерик Ајдл во интервју за Ролинг Стоун.
Харисон умеел и да го крева духот и расположението на својот пријател од дружината. Кога Ерик Ајдл еднаш му се пожалил дека е тешко да се биде со Мајкл Палин и Џон Клиз во иста сцена, Харисон шеретски му нафрлил:
„Е сега замисли како ми е мене со Ленон и Макартни.“