Документарецот кој на 6. декември имаше ЈуТјуб премиера, го објаснува почетокот на Војната против дрогата и нејзиното развивање во комплетно неуспешен проект.
"Над 1.000 милијарди долари се потрошени, милиони луѓе се затворени а неброени илјадници се убиени. И за што? Нелегалниот пазар на дроги чини меѓу 330 и 400 милијарди годишно, дрогите се поевтини и поприсутни од претходно, а во се поголем број на држави нарко картелите станаа главна закана за националната безбедност. Ама и без разлика на тоа нашите влади продолжуваат со неа," пишува во кратката содржина на документарецот.
Breaking The Taboo е во продукција на Sundog Pictures, компанија чиј сопственик е синот на Ричард Брансон. Токму неговите врски помогнаа да се соберат некои од ликовите кои се појавуваат пред камера.
Наратор на документарецот е Морган Фримен, а во неговата промоција учествуваа Ричард Брансон, Кејт Винслет и Дизи Раскал.
Sundog Pictures реши премиерата на филмот прво да биде на ЈуТјуб и цел месец ќе биде бесплатен за гледање, а дури потоа ќе биде пуштен на телевизии.
"Решивме да одиме на ЈуТјуб бидејќи за нас како компанија не е важна монетарната добивка, туку подигањето на свесноста околу глобалните проблеми. Целта ни е да ги образуваме и инспирираме луѓето, а тоа можеме да го направиме преку бесплатен и социјален медиум каков што е ЈуТјуб," објаснуваат продуцентите.
Breaking The Taboo (целиот документарец)