Ќе беше добро да прифаќав повеќе помош
Кога со сопругата имавме проблеми, блиски луѓе се обидуваа да ни помогнат. Ќе ни ја нафрлеа топката, велејќи ни да се јавиме за било што ако треба. Никогаш не се јавивме бидејќи и двајцата мислевме дека сами треба да си ги решиме проблемите. Не сум сигурен дека совети ќе ни го спасеа бракот, ама, требаше да се проба - Арон, 40 години.
Ќе беше добро да покажував дека и јас сум ранлив
Кога ја сретнав жена ми, бев врв во професијата, имав пари, супер кола, самодоверба, цел тој пакет. Откако се оженив, ја изгубив работата, ама бев решен да не ѝ покажам дека помалку вредам од времето кога ме запозна. Ја одржував фасадата но внатре во себе водев битки. Таа сакаше да ми се најде, ме прашуваше што ме мачи но јас секогаш викав: „Ма не, сè е супер“. На крај ѝ се смачи од моите срања и лавината тргна. Веќе не знаеше кога да ми верува само затоа што јас секогаш се трудев да бидам кул - Ричи, 37
Ќе беше добро да не бидам толку несигурен во врска со нашите сексуални проблеми
Откако добивме деца, нашиот сексуален живот практично престана да постои. Едно време ниеден од нас не зборуваше за тоа а кога таа еден ден го почна тој муабет, јас се почувствував нападнат и несигурен. Тоа е. - Алан, 36
Ќе беше добро повеќе да си ги слушам пријателите
Долго време моите најблиски пријатели ме прашуваа дали навистина мислам дека треба да се оженам со неа. Знаеја дека ја сакам, само не беа баш одушевени од неа и нејзината личност. После три години брак и разно-разни сигнали од пријателите кои јас ги игнорирав, ја фатив дека ме изневерува. - Мет, 39
Ќе беше добро да немаме толку заеднички бескорисни срања
Кога се разведуваш, сфаќаш колку работи имаш кои апсолутно не ти требаат. Бидејќи сето тоа треба да го поделиш. ДВД-а, кујнски гаџети, дрангулии кои сме ги купувале. Нејќевме веќе да бидеме ни минута заедно но моравме едно по едно да поделуваме. Тоа ме натера да помислам колку безвезе пари и време имам потрошено на купувања глупости. - Нил, 38.
Ќе беше добро да поживеевме заедно пред да се земеме
Претходно немавме живеено заедно, само одевме на гости еден кај друг. Знаевме за маните и лошите навики на другиот но тоа станува сосема поинаку кога е трајно. Ни требаше пробен период, дури и да раскиневме. Подобро тогаш отколку по потрошените 50.000 долари за свадби, адвокати и разводи. - КЈ, 33
Ќе беше добро да дадев отказ од работа
Тоа беше одвратна, ужасна работа после која секој ден се враќав дома мизерен. Бев напнат, депресивен, го носев тој отров и дома и тоа конечно ни ја отру врската. Таа ме преколнуваше да дадам отказ од работата која ме прави несреќен, ми укажуваше како тоа влијае врз нашиот однос но јас не можев да помислам да бидам без работа. На крајот ѝ дојде преку глава и се разделивме,. А навистина бев неподнослив, заслужуваше таа многу подобро. - Метју, 35
Ќе беше добро да пробам со терапија
Сопругата дузина пати ми го предлагаше тоа, се согласуваше и заедно да одиме. Мене тоа ми беше непријатно, не сакав да минувам низ терапии. се насобраа работи, тоа му пресуди на бракот. Мислам дека имавме многу ситници кои можевме да ги средиме со помош на професионалец, Ама, его. - Џо, 41.
Ќе беше добро да се разведам порано
Некогаш знаеш дека работата нема да заврши добро ама тераш, или затоа што се плашиш да направиш било што или пак зашто се надеваш дека ќе биде подобро. Сите инстинкти ми велеа дека треба да се разделиме. Просто не бевме добри еден за друг. А и таа го чувствуваше истото. Ама ќутевме и теравме така, едно две години. Тотално залудно потрошени две години. - Џонатан, 40.
Ќе беше добро со време да ги зауздам нејзините
Нејзините беа од најлошите. Нападни, груби дрвачи. Како да беа излезени од хорор филм. Длабоко верувам дека намерно ни го упропастија бракот, ем не ме сакаа ем веруваа дека ќерка им треба да пука повисоко. Требаше од одма да бидам порешителен. Ќе беше тоа непријатно на краток рок но верувам дека ќе ни оставеше простор со жена ми да си го средиме бракот. Но, млади бевме, не знаевме како. Просто, требаше еден ден да ја сменам бравата дома. - Дејвид, 31.
Ќе беше добро да баталам социјални мрежи
Социјалните мрежи те навлекуваат да ги гледаш другите, да посматраш други успешни бракови, да мислиш дека можеш да позајмуваш нивни финти. И јас и сопругата го правевме тоа, постојано го споредувавме нашиот брак со браковите на оние кои ги познаваме. И правевме сè како нив. За што, за по некој лајк или коментар? Самите си се залажувавме дека сме во супер врска. - Габриел, 37.