Се работи за квалитетот, а не за квантитетот на испиеното, иако на Хемингвеј не му било туѓо претерувањето. Во хаванскиот бар Ел Флоридита во 1942 има поставено дури и рекорд - 17 дупли смрзнати Даикири на едно седење.
Хемингвеј на овој начин се придружува на група романсиери кои ја користат храната и особено пијалокот како ефикасен начин на градење лик, сцена или расположение. Сетете се само на описот на коктелите во „Големиот Гетсби" на Фицџералд. Слично, фактот што Роберт Џордан се релаксира со апсинт после цед ден војување во „За кого бијат камбаните", станува дел од книжевното доживување. Во „Збогум на оружјето", пак, Фредерик Хенри, откако ја напушта неговата единица во Првата светска војна по долг период на воено страдање, сака повторно да се почувствува нормално. Во тоа му помага - чаша мартини:
„Мартинито беше студено и чисто...Никогаш немав вкусено нешто толку студено и чисто. Ме направи да се почувствувам цивилизирано. Имав проголтано премногу црвено вино, леб, сирење, лошо кафе и ракија. Седев на високата столица пред шанкот направен од пријатно махагони и пред огледалата, и не мислев на ништо".
Преку пијалоците тој и ги открива тајните на различни култури - грапа, марсала и кампари во Италија; рум или кокосова вода во Куба; коњак и армањак во Франција; Анис дел Моно или Фундадор во Шпанија. Има разлика меѓу обична „испичутура" и познавач, а кога вториов е истовремено писател, тогаш треба да му се верува.
Еве еден рецепт од книгата „Едно, и уште едно: прирачник за коктелите на Хемингвеј" на Филип Грин
Помалку од 100 мл бел рум
30 мл свеж џус од лимета
20 мл џус од црвен грејфрут
2 кафени лажички ликер мараскино
Сите состојки се ставаат во блендер, кој се полни со кршен мраз. Ако ви е малку горчлив, може да се додаде шеќер. Но токму таков го сакал Хемингвеј. На здравје!