Што сè може да се слави во март?

Има луѓе кои и предвремено се плашат од уште еден 8-ми март и неговите вонвременски параметри (цвеќенца и парфеми, пригодни тв емисии, жени од фирма собрани на пилешки прсти и вино...) ама мислат дека ќе стиснат заби и ќе издржат. Е па не баш! Март е идеален месец за оние кои сакаат секој ден да имаат некој повод за славење. 

9-ти март

Ден на Алфред Хичкок (знаете дека нема Оскар за режија?)

предлог за славење: организирајте со друштвото филмски маратон со негови филмови. Или барем не одете под туш.

10 март

Ден на Кејти Фишер

По иницијатива на нејзиниот брат, комичарот Мет Фишер. Направeте колачи за саканата личност и испратете ѝ ги.

11 март

232 годишнина од откривањето на Уран

Планетата е откриена од Сер Вилијам Хершел иако светот за малку ќе ја утнеше бидејќи самиот Хершел по грешка ја има пријавено како комета.

14 март

Ден на Пи

Пресметајте ја квадратурата на кругот во кругот на најблиските. Почнува вака 3.14159265359...

15 март

Мартовски иди

2057 години од најпознатото политичко убиство во историјата. Идите (од латинскиот idus) означуваат средина на месецот и во случајот на март, мај, јули и октомври паѓаат на 15-ти. Во другите месеци на 13-ти. Во Канада на овој ден се пие коктел „Крвав Цезар", со вотка, томато џус и ворчестер (наместо Мери)

14- ти март

Ден на "Сè што правиш е на вистинскиот ден"

Така е!

15-ти март

Ден на грабнување од страна на Вонземјани

Пробајте на работа да се оправдате со тоа

16-ти март

50 годишнина од првиот албум на Битлси

Please Please Me не е ни нјадобриот ни најпознатиот нивен албум ама сепак од него почнува пресвртот во модерната музика. 30 недели окапа на топ листите за конечно да биде сменет од – друг албум на Битлси.

17-ти март

Национален ден на мали кученца

Донирајте во соодветна организација која се грижи за нив, или посвојте некое, ако претходно имате за тоа разговарано со домашните.

18-ти март

150 години од американскиот Орден на честа

Највисокото американско воено признание датира од 1863 кога прв го добива војникот Џејкоб Парот. Оттогаш, на поединци или формации се поделени вкупно 3.400 ордени на честа.

19-ти март

Ден на вафлите

Традиција која потекнува од Шведска (американскиот празник е во август) и религиозниот празник Вафелдаген.

20-ти март

Денот на Ајфеловата кула

На овој ден, кулата на Густав Ајфел му е предадена на Париз, во знак на одбележување на Француската револуција. Истиот Ајфел подоцна работи и на американската Статуа на слободата.

4 март 2013 - 12:39