Постојат многу начини на кои ги замислуваме, конструираме и ги презентираме нашите идеи и поими за нашиот сопствен идентитет. Дел од ваквите практики се во доменот на свесните активности, па за таа цел играме перформативни улоги на животните сцени.
Но, значителен број претстави за идентитетот се резултат на работата на потсвесното во нашите умови. Има безброј примери на кои може да се тестираат ефектите од второво, оние кои ме интересираат во оваа прилика се поврзани со нашиот однос кон медиумските технологии, поконкретно преносните гаџети.
Се разбира, во фокусот е мобилниот телефон, тој наш денес незаменлив животен придружник. Ниедна претходна медиумска технологија не била толку лична, персонализирана и интимна, но и толку споена со човечкото тело, како мобилниот телефон.
Еве една навидум бенигна, банална работа, да речеме, изборот на звукот на мелодијата што ѕвони на нашите мобилни уреди. Овој феномен веќе некое време го тестирам од чиста љубопитност на јавен простор, како што е трамвај или градски плоштад.
„Експериментот“ изгледа отприлика вака. Телефон ми заѕвонува зад грб, надвор од моето видно поле, па врз основа на звукот што го слушам, ментално скицирам кроки, визија на ликот на личноста која го поседува уредот. Веќе не ме чуди до кој степен и колку често ваквите визуелно-асоцијативни претстави сосема кореспондираат со телесниот приказ на човекот кој ќе го видам откако ќе се свртам за да го проверам резултатот од експериментот.
Кога би чул звук на фанфари, мене во глава ми се исцртува некој наполеонски лик, а кога ќе се свртам, гледам малку здепаст средовечен маж, понизок, со надмено држење и горд став. Или кога рингтон е некоја патетично романтизирана трејлер песна од некоја од популарните ТВ сапуници, речиси стереотипно тоа ми се поврзува со лик на жена во доцните 30-ти или 40-т години, исцрпена и од работа и од живот. Секако, добацувам јас и до самоперцепција, па ми стана сосема јасно дека мојот избор на звук на класичното ѕвонење на фиксен телефон е само тажно предвидлив естетски гест на релативно стабилен граѓанин од необуржоаскиот интелектуален сталеж.
Затоа, не е за чудење што додека го пишував ова, ми падна на памет една стара изјава на Славој Жижек, одговорајќи на новинарско прашање, каков звукот има одбрано на телефонот.
„Најбезличен можен“, рече тој, некој генерички бип-бип, бидејќи „прилично ми е преку глава од сопствениот идентитет, кој и онака веќе го имам премногу, па најмалку што ми треба е некоја машина која постојано ќе ме потсетува на тоа. "