Марина Туцаковиќ: Поетеса на скршената женскост

Да, секоја поштена феминистка си повраќа во уста од стихот „ја би опет била тепих по коме ти газиш“, но ако е чесна кон себе, а не само кон феминизмот, знае дека барем еднаш била така, патолошки, заљубена. Невкусно? Можеби, но искрено.

Ние, од овие простори, често сме склони да кажеме: „Ова го има само кај нас“, и тоа секогаш го изговараме во негативен контекст. Meѓутоа, кога нешто што е добро го има само кај нас, тоа не го забележуваме.

Умре Марина Туцаковиќ. Нејзината смрт настапи после долга, тешка и невкусно прекумерно медиумски покриена болест. Но кога е Марина во прашае, фактот дека таа физички веќе не е меѓу нас е сосема небитен. Сè друго во врска со неа: бројот на хитовите за кои го имаше напишано текстот, начинот на кој работеше, талентот во еден изведувач да препознае материјал за ѕвезда, постојаниот од по работ на смислата и вкусот, отвореноста кога зборува за тоа како пишува... Сето тоа е рамно на чудо.

За почеток, комплетниот список текстови на песни кои ги има напишано не е можно да се пронајде. Медиумите овие денови шпекулираат со бројка од 3.000, но СОКОЈ, како единствен сигурен извор, во соопштението по повод смртта на Марина вели - 4.000. Понатаму, и ова повторно нè враќа на она „ова го има само кај нас“, списанието Ролинг Стоун во 2015 година објави список на најголемите текстописци на сите времиња. Секако, Марина ја нема на тој список, но меѓу првите 50 не постои ниту еден текстописец кој воедно не е и композитор и изведувач. Марина не беше ниту едното ниту другото, таа „само“ пишуваше текстови. Дури, жената толку не беше склона јавно да настапува што, по сопствено признание, пред првото гостување на телевизија морала да испие бенседин. Причина: вториот гостин во студиото бил Арсен Дедиќ. Кој не би испил бенседин?

Арсен несомнено беше поет, и уште понесомнено, она што денес се нарекува singer/songwriter или кантавтор. Околу поетските вредности на текстовите на Марина се водат полемики од времето кога таа се појави, и ќе се водат, веројатно, засекогаш. Но можеби токму во таа полемика, во таа збунетост над поединечните стихови кои ги напишала и лежи клучот за разбирање на феноменот на Марина Туцаковиќ. Стих кој е најисмеван е оној од песната на Цеца, „Пиле“ која вели: „Моите солзи паѓаат нагоре“. Мамицата, стварно е смешно, како може нешто да паѓа нагоре? Но потоа следи: „Моите солзи паѓаат кон тебе“. Некои овие денови на Твитер забележа дека Цеца, она што колоквијално го подразбираме кога велиме Цеца, е всушност Марина. Истовремено, арогантната, покондирана, до лакти крвава вдовица на воен злосторник, всушност е Светлана Ражњатовиќ, додека Светлана Цеца Величковиќ е само материјал од кој било можно да се обликуваат овие две. Аркан ја создал Светлана Ражњатовиќ, а Марина Цеца. Каква Цеца создала Марина? Повредена, скршена жена која само сакала некој да ја сака, но мажот ја прегазил и длабоко ја ранил или - умрел. Не сме блесави, знаеме дека Марина оваа Цеца ја креирала тргнувајќи од фактот дека е млада вдовица, но Маринината Цеца не му пее на Аркан. Таа во своите песни е во бесконечен дијалог со својот мртов љубовник, кој, секако, во очите на жената која го сака е - на небо. Па каде на друго место, побогу, би паѓале солзите по него ако не нагоре?

Моментот на општење со мртвите е највидлив во песната на Цеца „Задржачу право“, каде хероината на Марина само сака сите да ја остават на раат, да не им даде да ја гушат, „док се с тобом виѓам у метроу своје душе“. Тоа „метро“ своевремено ги смееше заколнатите урбани младинци, кои се грозат од турбо-фолк, но ајде да видиме што имаме тука. Овој пат мртвиот љубовник не е на небото, туку под земја. Ако Марина наместо „во метрото“, решела тие двајца да се гледат во „лагумот“ (подземниот премин) на нејзината душа, тоа на чувствителните души сигурно полесно би им паднало. Но „лагум“ минува бидејќи на него сме навикнати во стихови и песни, додека метрото е новина (иако и не е баш, но ајде, уште е тоа млад изум за да се најде во песна за љубов и смрт). Меѓутоа, денешната жена има многу поголеми шанси да се најде во метро отколку во некаков подземен премин, па да извините, зошто метрото не би било нејзиното подземно место за средба со мртвиот љубовник? Како одминуваат годините, Цеца создадена од Марина е во сè поцврста прегратка со смртта, што кулминира, според мислењето на мнозинството, во „Забранетиот град“, а според мислењето на оваа новинарка во песната „Батали“ затоа што - „мени су крв и туга два најбоља друга“, но и „толико колико сам ја слаба, ти никад неќеш бити јак“ - овој пат упатено не кон покојник, туку кон оној првиот следен кој доаѓа по него.

На крајот на краиштата, ако на Десанка Максимовиќ со консензуз ѝ го имаме признаено статусот на голема поетеса на 20 век, би било интересно да се покрене расправа за тоа во што се состои разликата помеѓу „Не, немој ми приќи“ и „Хеј, среќо, запали, нисам ја та, то батали“, затоа што, јебига, во 21 век „одјеби“ е исто што и некогаш „немој ми приќи“. Но Марина никогаш немаше претензија на статус на наша истакната поетеса. Текстовите ги пишуваше на музика, лежејќи во пижами, затоа што „кој, бре, ќе седи?“, како што кажа во едно интервју, „со кафе, цигара, и зошто да не, ракиичка“. Зошто Марина никогаш нема да биде поетеса? Пред сè затоа што не беше будала и одлично знаеше дека среќата не е убава само додека се чека, туку додека трае. А потоа, затоа што совршено ја болеше уво да гради каков и да е имиџ, туку излегуваше мртва ладна на телевизија да каже дека текстовите ги пишува мрсна и несредена, со цигара во уста, во креветот во кој спие. И конечно, Марина никогаш не тврдеше дека сè што напишала е генијално, па дури ни добро. Напротив, во ретките интервјуа кои ги даваше секогаш велеше дека текстот го прилагодува на изведувачот, дека ја бркаат и оние кои лично не ги сака, а ни како луѓе не ѝ се баш симпатични, дека често го склопува текстот за 10 минути. Но, плаќаат. Дури разни луѓе ѝ нуделе пари без да прашаат за цена, само да зграпчат нејзин текст. Што е лошо во тоа некој да го наплати својот труд онолку колку што некој друг сака да плати?

За некои од нас, Марина сепак е поетеса. Не за сите и не секогаш, но огромен број текстови на Марина се некој вид манифест на хетеросексуална жена на средина на своите дваесети години, онаа која не е сосема наивна и неискусна, но уште го нема хакнато животот, па страда и умира од внатре по секој маж кој не сака онака како таа, на преминот од нежни во не така нежни години, верува дека треба да биде сакана. Да, секоја поштена феминистка си повраќа во уста од стихот „ја би опет била тепих по коме ти газиш“, но ако е чесна кон себе, а не само кон феминизмот, знае дека барем еднаш била така, патолошки, заљубена. Невкусно? Можеби, но искрено. Ако во текстовите на Марина има поезија, тогаш е сигурно дека таа беше поетеса на скршената женскост. Не на женственоста, иако некои меѓу нас понекогаш не знаеја како да бидат жени без Марина.

Да се објаснува феноменот на Марина Туцаковиќ врз примери на нејзините стихови е залудна работа, затоа што стихови има многу. Повторуваме, 4.000 текстови за изведувачи во распон од Бисера Велетанлиќ до Индира Радиќ. А помеѓу се Зана, Генерација 5, Магазин, Слаѓана Милошевиќ, Брена, Оливер Мандиќ, Мишо Ковач, Неда Украден, Милош Бојаниќ (!) и цела војска one hit wonder-и која ја имаме и заборавено, а веројатно ја имаше заборавено и Марина. Иако се трудеше да остави впечаток на личност на која не ѝ е многу гајле за она што го работи, кога ќе прелетаме низ нејзиниот опус, точно се гледа во кого видела материјал за ѕвезда и околу кого се трудела. На пример, на неприкосновените ѕведи како Брена (од „Пожели среќу другима“ до „Уѓи слободно“) и Чола (од „Кажеш да ти некад изгледам ко Дунав“ до „Ноќ ми те дугује), никогаш не им подметнала глуп текст (на Цеца да, „Дидуле“).

Со Северина било поинаку затоа што Севе има способност за автоиронија. Откако Марина ѝ го направи веројатно најдобриот албум во кариерата, „Триесетти“, ѝ ја „подметнала“ песната „Силикони“: „Ме наговори на 'Силикони', умиравме од смеење на текстот, на нејзиниот текст“, изјави таа по веста за смртта на Марина.

Како пишуваше Марина? Оние ретките кои успеале да ја интервјуираат се обидуваа, како тоа да е битно, да извлечат од неа колку има биографско во текстовите кои ги пишува. Признаваше дека тоа го има само во две песни: „Иди док си млад“ на Цеца („Се сомневав тогаш дека Фута нешто шврља“) и „Мишо мој“, песната создадена по прераната смрт на синот Милош. Но „Миша“ некако ја имаше маскирано, решавајќи да ѝ ја даде на Ана Николиќ, да зазвучи како уште една љубовна песна за оставена жена. Сепак, има нешто субверзивно во таа одлука, затоа што Ана Николиќ ја отпеа во мигот кога се бореше со алкохол и со други зависности, па како таква, можеме само да нагаѓаме, во состојба на целосен распад, била идеален избор.

„Успори мало, судбино, сестро“, можеби единствената фолк песна со политички призвук (а да не е наменско националистичко ѓубре од дијапазонот на Баја Мали Книнџа), ја има напишано токму Марина, за Џеј. Многумина ќе кажат - пророчки. Сепак, тврдеше дека случајно испаднало така, дека можеби некаде во потсвеста насетила што доаѓа.

Пишуваше, може да се каже, писателски, секогаш креираше ликови во глава а потоа ги раскажуваше нивните приказни, како што објасни еднаш во емисијата „Балканском улицом“. Непогрешливо знаеше кој што може да изнесе - Аца Лукас секогаш беше лик од маргините, оштетен од коцка, дрога и алкохол. Џеј - момче од поправен дом кој бара среќа, но на таквите среќата секогаш им бега за влакно. Жељко Самарџиќ - обелен швалер кој се нешто цупка околу многу помлади жени, освен кога не е - исто така обелен - сопружник во брачна криза („Покажи ми шта знаш“), Наташа Беквалац - разиграна, но без среќа во љубовта, сепак свесна за тоа. И така натаму...

Ден по смртта на Марина, Цеца даде кратка изјава: дека ѝ е тешко да зборува затоа што се гуши од плачење. И многумина други на естрадата имаат и зошто да се гушат од плач - без Марина не би ни постоеле. А сепак, таа беше „само“ текстописец. И токму тоа прави, каков и да е текст за Марина Туцаковиќ, па дури и постхумен, да не може да биде целосен и вистински. Затоа ова е само еден обид. Па нек иде Дидуле.

 Јована Глигоријевиќ, Време

 

 

30 септември 2021 - 15:46