Од едно мало балканско село, со години се занимаваме со големи теми и се обидуваме да го предупредиме човештвото дека светот забрзува во насока која неминовно води кон ескалација и вовед во Трета светска војна. Најдобра потврда за тоа беа сликите што не така одамна ги видовме од Украина кога беше погоден германски „Леопард“ а во него војници на Бундесверот, кога еден од нив, во сцена како од партизански филм, скока од запалениот тенк и запомага на германски.
Како целата приказна да се навраќа таму негде во Втората светска војна со симболично прикажување на германското учество, не само со тенкови туку и со луѓе во руско-украинскиот конфликт.
Од друга страна, многу е тешко да не се подлегне на песимизмот кога човек опишува или се обидува да заклучи за што се работи. Од Јувел Харари, Клаус Шваб, политиката што ја води нашата влада, руската влада, политиката што ја водат Американците кои сè уште се генератори на мека и тврда моќ, човек многу лесно може да падне во депресија. Еден филозоф тврди дека депресијата е крајниот исход на нарцисоидноста, затоа, да престанеме да бидеме нарциси и дајте да бидеме свет во кој, кога веќе имаме трошка надеж и трошка оптимизам, ќе ги заборавиме идеите на Шваб за робовладетелскиот систем и на она до кое веќе имаат дојдено во Азија - преку човечкото око да можат биометриски да утврдат сè за една личност.
Од друга страна, постои мнозинско расположение во светот. Во овој момент ќе раскажам приказна за едно момче кое ме потсети на идејата на Црњански „кога една зима, од една завеана градина истрча измрзнато дете и ме гушна“. Мене тоа ми се случи на крајот од еден скијачки натпревар.
Значи, натпреварот заврши, децата се вртеа околу пиедесталот, држат скии и стапови. Меѓу нив се истакнува едно русокосо момче, подоцна дознав дека се вика Владимир, кое во еден момент се издвои и се качи на подиумот. Пријдов, го прашав дали е победник на натпреварот.
Неговиот жив поглед, сега на подиумот блескаше уште посилно. Ми одговори дека, за жал, не победил, го прашав зошто тогаш е на подиумот и тој ми рече - „Сакав да го почувствувам авторитетот на победникот“.
11 годишно момче не само што го изрази она што во компетитивната заедница во која живе е најважно, да биде победник, туку и вистината дека тој не е победник, се претвори во тоа дека тој е победник на денот. А тој е речиси на иста возраст како момчето што ги уби децата во училиштето „Рибникар“ во Белград.
Ова го спомнувам затоа што тој настан за мене го имаше значењето што денес ретко се зема предвид, дека светот не е исполнет само со манијаци и убијци, туку и со момчиња и деца кои на неверојатен начин ја потврдуваат својата интуитивност и памет.
Во муабет со неговите пријатели, сфатив дека дечкото учествувал на натпреварот, но се дисквалификувал кога самиот се пријавил дека промашил една капија. Тогаш помислив дека светов е спасен.
Момчето стоеше на тронот, реченицата во неговиот вокабулар стана оружје на неговата култура а местото каде што беше употребена беше сцената на која го изразува својот архетипски пиедестал на кој стои во својот живот.
На некој начин ме потсети на птиците кои знаат да направат гнездо а никој не им објаснил, ниту гледале како се прави.
Мислам дека ова момче е она што влева оптимизам и што на секој можен начин зборува за некој кој на 13 или 14 години ги проектира своите чувства и не ги крие, и тоа во времето во кое живееме во кое сериозен атентат врз нашиот бог веќе е извршен, нашиот бог е изрешетан на запад, но сè уште се држи во овие наши источни делови.