Пред некој ден на Фејсбук налетав на вест на руската државна новинска агенција ТАСС, за потонувањето на моќната крстарица Москва, гордоста на руската Црноморска флота. „Минобороны сообщило, что крейсер 'Москва' затонул при буксировке“, најавуваше славниот ТАСС а под насловот кочеше предупредување на претпазливиот Фејсбук: „Медиумска содржина под контрола на Русија!“
„Медиумска содржина под контрола на Русија“!?
Останав стаписан. Дали е можно руската државна новинска агенција да е под контрола на руската држава? Проклети Руси! Се разбира, веднаш проверив и нема да верувате: познатата Трговска телеграфска агенција ТТА, основана во далечната 1902 година, болшевиците изгледа стварно ја преземале во септември 1917 година. Наводно, во јули 1925 година, со декрет на Президиумот на Врховниот Совет, ТТА била преименувана во Телегра́фное аге́нтство Сове́тского Сою́за, ТАСС.
Гледате како човек лесно ќе се заебе. Да не беше Фејсбук - фала му и кајшто чул и кајшто не чул - ќе полеташе лековерниот прст кон веста на ТАСС и утре во свои очи ќе се колнеше дека крстосувачот Москва потонал поради пожар предизвикан од климатските промени во складиште за муниција. Уште стаписан, читав понатаму: „Овој линк доаѓа од издавач за кој Фејсбук верува дека можеби делумно или целосно е под уредувачка контрола на руската влада“.
Фејсбук верува? Можеби?! Делумно?!?
Да се верува дека нешто е можеби делумно, може за апсолутно сè на овој свет. Агностиците, на пример, не веруваат во Бог, но веруваат дека можеби делумно има нешто. Со таква извонредна агностичка ограда, подеднакво би имало смисла и предупредување дека „сè во вселената доаѓа од сили за кои Фејсбук верува дека можеби делумно или целосно се под контрола на рептил од соѕвездието Вега.“
Што, не е? Молим лепо, Фејсбук не ни тврди дека е тоа така, тој само „верува дека можеби нешто е делумно.“
И самото соопштение на Кремљ за потонувањето на крстосувачот Москва испаѓа подоверливо од предупредувањето на Фејсбук. На пример, кај нив не чувме дека министерството за одбрана верува дека Москва можеби делумно или целосно експлодирала после пожар во складиштето за муниција. Кога службен Кремљ „верува дека нешто можеби е делумно“, тогаш дознаваме дека, на пример, „се верува дека поетот Владимир Мајаковски можеби делумно извршил самоубиство“.
Како и да е, за секоја пофалба е иницијативата на Фејсбук да нè предупредува за содржини под надзор на владини цензори и пропагандисти. Затоа ме занимаше како стојат работите со останатите „медиумски содржини.“
Нема да ви се верува: ниедна медиумска содржина вон Русија не е под таков надзор!
Баш како што од сите отрови и смртоносни опасности кои се достапни на слободниот пазар, од некоја причина опасни по живот се само цигарите, така од сите медиумски содржини, од некоја причина под надзор на владата се само оние од Русија.
Во остатокот од светот, сфативте, владеат идилични медиумски слободи, на широките ливади на слободата, ведри пеперутки слободно летаат по шареното цвеќе на слободната мисла, па се „верува“ дека ниеден медиум таму ни „можеби делумно“ не е под владина контрола. Дури ни за воените извештаи на украинските државни медиуми не се верува дека можеби делумно се контрола на украинската влада!
Вестите на руската агенција „веројатно“ се „можеби“ и „делумно“ медиумски содржини под контрола на Русија, но затоа сигурно, недвосмислено и комплетно се под контрола на Фејсбук.
Како знам? Па ене ви го под насловот на веста предупредувањето потпишано од Фејсбуковата полиција!
Добро, тоа е семантичка заебанција. Работите всушност се далеку полоши. Уште пред десетина години, ќе бидам слободен да потсетам, Гардијан и Вашингтон Пост провалија голема афера, откривајќи како мултинационалните интернет дивови како Микрософт, Гугл и Фејсбук соработуваат со американската влада во рамките на контроверзното собирање доверливи податоци Призма, па според законот за Foreign Intelligence Surveillance, на американската агенција за национална сигурност ѝ даваат слободен пристап до сите податоци на своите корисници.
Фејсбук тогаш призна дека само во првата половина на 2013 година, 74 светски влади побарале податоци за 43.000 нивни корисници - словенечката влада, на пример, побарала податоци за некои осум луѓе - но до ден-денес не се дозна кои точно податоци, чии и за што тоа бара американската влада. Тоа, се разбира, е „строго доверливо“.
Да скратам, самиот Фејсбук е голема база на доверливи податоци на американската агенција за безбедност, па сепак никогаш на Фејсбук немате видено дисклејмер дека „се верува дека оваа мрежа можеби делумно или целосно е под контрола на американската влада“, камоли експлицитно да прочитате дека се работи за „медиумска содржина под контрола на САД“.
Само, ете, сензационално откритие дека руската државна агенција била под контрола на руската држава.
Добро, барем така се верува. Можеби. Делумно.