Церемонијата на отворањето на Олимпијадата заврши, на некои им се допадна, на некои не, но контроверзите околу тоа сè уште траат. Најголемата секако е онаа поврзана со живата инсценација на „Тајната вечера“ на Леонардо, која навреди многумина и беше наречена „сатанизам“ и „навреда на христијанството и христијаните“, а организаторите побрзаа јавно да се извинат за тоа и да кажат, се разбира, дека не им била намерата да навредат ниту еден верник, без разлика на која религија припаѓа. Злобниците веќе го поставија прашањето: „А зошто баш христијанството? Не можеше некоја друга религија? На пример, исламот?
Од друга страна, има напади дека сè било премногу „воук“ и заради тоа се удавило во кич и шаренило. Некому не му се допадна она што го пее Лејди Гага, некому она што го пее Селин Дион, многумина не видоа логика американскиот рапер Снуп Дог да го носи олимпискиот оган. Каква врска има тој со спортот? Не ли ќе беше посоодветно да носи огромен џоинт?
Во сето ова некако остана незабележано дека за оваа прилика Франција не го ангажираше човекот кој буквално ги измисли ваквите спектакли со неговиот прв концерт на Плас де ла Конкорд, пред милион луѓе на 14 јули 1979 година, кога ја воодушеви не само Франција туку и целиот свет.
Станува збор за Жан Мишел Жар, композитор, иноватор, визионер и, компетентните велат – гениј.
Жан Мишел е роден во Лион од мајка која била членка на движењето на отпорот и љубител на џез музиката и татко кој ќе биде композитор на музика за филмовите „Доктор Живаго“ и „Лоренс од Арабија“, меѓу другите. Морис Жар беше апсолутна легенда на филмската музика, на ниво на Енио Мориконе а зад себе остави импресивен музички опус. И син со кој не беше во најдобри односи. Сепак, младиот Жан Мишел го наследил талентот на својот татко и го надмина во многу аспекти. Добро, уште нема освоено Оскар.
Фактот дека концертите на големите ѕвезди изгледаат онака како што изгледаат денес, со претерана продукција, сценски ефекти, огромни сцени и огномет, треба да му заблагодари на Жар, кој со децении го дизајнираше и го развиваше овој концепт за неговите настапи во живо, попат соборувајќи Гинисови рекорди.
Затоа после церемонијата на отворање на ОИ, оправдано се поставува прашањето „А каде ви е Жан Мишел Жар?“. Бидејќи церемонијата на отворањето, кога ќе се сведе на основните контури и ќе ги занемарите контроверзите, неверојатно личеше на копија од два негови познати концерта.
И тоа лоша копија.
Идејата да се одржи настан во интеракција со река е нешто што Жар го спроведе уште во 1988 година, со тоа што неговата река не беше Сена, туку Темза. Неговиот концерт Destination Docklands беше прв од ваков вид во светот и се одржа на Лондонското пристаниште, пред 100.000 гледачи.
Вториот концерт кој беше копиран на отворањето е парискиот Концерт за толеранција од 1995 година во Париз (пред 1,25 милиони гледачи) и тоа најдобро се гледа по начинот на кој беше „искористена“ Ајфеловата кула. Сето тоа беше речиси препишано на свеченото отворање, само со повеќе светла, ласери и чуреви (копирајт: Антонио).
Па зошто организаторите не го поканија Жар да им го организира сето тоа кога тие самите немаа оригинални идеи туку мораа да ги крадат? За почеток, некои велеа дека „времето на Жар помина“ и дека неговата музика, концерти и сценски настап им припаѓаат на минатиот, 20 век. Тој „аргумент“ има толкава смисла како да се каже дека Шекспир припаѓа на 17., не и на 21. век. Тоа е особено бесмислено со оглед на фактот дека музиката на Жар добро старее и дека денес многу од неговите композиции се сметаат за современи класици. Дури и симфониските оркестри и филхармонии се многу среќни што ги вклучуваат на својот репертоар, а Прашката филхармонија еднаш сними и издаде цел концерт со избрани композиции на Жар.
Од друга страна, други земји не се однесуваат така со своите големи музичари. Вреди да се споменат Вангелис и Мајк Олдфилд, кои често ги споредуваат со Жар бидејќи создавале во слични музички жанрови и двајцата го постигнале статусот на „живи класици“. Вангелис за жал, не е меѓу живите, но Грција, кога ги организираше Игрите во 2004 година, го покани да ја напише официјалната химна на тој настан. Што тој со задодоволство го направи.
Со Мајк Олдфилд ситуацијата беше малку поинаква. Кога му било понудено да свири на отворањето на Олимписките игри, тој не бил премногу ентузијаст бидејќи долго време не настапувал во живо, ниту пак имал придружен бенд, накратко - мислел дека го отсвирел своето. Но и некои луѓе од организацијата сметале дека има позаслужни музичари од Олдфилд и дека можеби неговата музика не е адекватна за ваков настан. Што е баш чудно бидејќи музиката на Олдфилд е многу, многу адекватна за ваков настан. Но, што знае едно дете за човекот кој буквално измислил неколку музички жанрови и компонирал една од најпрепознатливите музички теми на современата популарна музика?
Сепак, оскаровецот Дени Бојл, кој ја режираше церемонијата на отворањето во Лондон, јасно даде до знаење:
„Мајк Олдфилд еднакво Велика Британија“.
На прашањето „Зошто?“, Бојл одговори дека не може да замисли „побритански музичар од Олдфилд“. И така, бесмртната “Tubular Bells” завибрира на преполниот Вембли.
Некои Французи, се чини, не размислуваат баш како Бојл и ценат дека има „пофранцуски“ музичари од Жар, како Американката Лејди Гага и Канаѓанката Селин Дион. Како тоа изгледаше во целина, видовме.
Претседателот Макрон неодамна го одликуваше Жан-Мишел Жар со Легијата на честа, највисоката чест што може да ја добие еден Французин.
Сепак, Жар, се чини, не е голем поддржувач на Макрон и неговата политика. Кога Макрон дојде на власт, во едно од интервјуата, Жар не беше ниту оптимист ниту еуфоричен, туку изрази претпазливост во однос на иднината на земјата. Згора на тоа, беше многу вклучен во некои други политички теми и на многумина во Франција, особено во владата, не им се допадна неговата отворена поддршка за Едвард Сноуден и Џулијан Асанж. Уште во 2015 година, Жар јавно водеше кампања за Асанж, порачувајќи:
„Џулијан Асанж е модерен херој. Франција треба да му даде политички азил“.
Во едно од интервјуата кои тогаш ги даваше често, го прашаа што мисли за Арапската пролет и дали таа ќе предизвика дестабилизација:
„Овие земји беа дестабилизирани поради западните интереси. Диктаторот го заменуваме со ништо и добро знаеме дека Ал Каеда или некој друг ќе ја пополни оваа празнина. А зошто? За подобро да ја контролираме областа од аспект на нашите економски и финансиски интереси. Постои западен цинизам за кој сите сме одговорни. Тука е и проблемот со мигрантите; со децении не ни беше гајле за овие народи, и одеднаш, како ноеви чии глави биле во песок, ќе погледнеме нагоре и ќе кажеме: „Еј, види, има проблем“. Па, да, тоа е проблем што ние го создадовме. Имаше подобар начин да се помогне во транзицијата. Не на овој циничен и дивјачки начин. Транзиција од диктатура во ништо, од ништо во тероризам“.
На прашањето дали би одржал концерти во Куба или Северна Кореја, Жар одговара:
„Имам сè помалку време за луѓе кои кмишат во Кафе де Флоре и го исправаат светот а немаат стапнато во него. Па ќе кажат 'таму е диктатура, ние не одиме во диктатура, таму и онака се лишени од музика, од кино, од сè'. А мора да се оди. Ризикот и не е толку сериозен. Она што е важно е да се биде во контакт со луѓето“.
После тоа, во 2018 година, Жар ја потпиша и петицијата на Џулијан Асанж за слобода на говорот, која ја потпишаа Оливер Стоун, Ноам Чомски, Пи Џеј Харви, Славој Жижек... па дури и Памела Андерсон.
Неговиот однос со Едвард Сноуден е уште поинтересен. Откако Гардијан ги „спои“, Жар ја сними песната „Егзит“ во која го семплува Сноуден кога вика:
„Технологијата всушност може да ја зголеми приватноста. Прашањето е: Зошто нашите приватни податоци се пренесуваат на интернет... зошто приватните детали зачувани на нашите лични уреди се поинакви од деталите и приватните записи од нашит животи зачувани во нашите приватни дневници?“
По објавувањето на песната што беше вклучена во неговиот магнум опус, од албумот „Electronica 2: Heart of Noise“, Жар за Гардијан рече:
„Едвард е апсолутен херој на нашето време. Кога првпат прочитав за него, помислив на мајка ми. Таа се приклучи на француското движење на отпорот во 1941 година, кога луѓето во Франција сè уште мислеа дека членовите на тоа движење се само бељаџии, и секогаш ми велеше дека кога општеството прави работи што не можеш да ги поднесеш, треба да му се спротивставиш. Целиот проект „Електроника“ зборува за двосмислениот однос што го имаме со технологијата: од една страна го имаме светот во џеб, а од друга постојано нè шпионираат. Постојат траги за еротскиот однос што го имаме со технологијата, за начинот на кој повеќе ги допираме нашите паметни телефони отколку нашите партнери, за надзорот со камери, за љубовта во ерата на Тиндер. Се чинеше сосема соодветно да соработувам не со музичар, туку со некој кој буквално ја симболизира оваа луда врска што ја имаме со технологијата“.
Уште во тоа време многумина го критикуваа Жар дека не треба да се занимава со политика и дека е подобро да си остане само на музика. Но, тој не се откажа од својата политичка инволвираност и - кој знае? Можеби тоа го чинеше настап на отворањето на Олимпијадата? А можеби и не? Можеби тоа било негова одлука? Можеби му го покажале сценариото на настанот, а тој ја фрлил хартијата и си заминал?
Жан-Мишел Жар е национално богатство на Франција. Како Годар, Астерикс и Зинедин Зидан. Нема заебанција со тоа. За пеесет или сто години ќе се слави онака како што денес се слават Моцарт, Бетовен или Верди.
Затоа деновиве на интернет и во кулоарите кружат гласини дека тој е оставен како „резерва“ за затворањето. Би било убаво да е така.
Жар во своето СиВи го има вториот најпосетен концерт на сите времиња, Москва, 6 септември 1997 година, кога во публика имаше 3,5 милиони луѓе. Тој е првиот музичар од Запад кому му беше дозволено да настапува во Народна Република Кина, неговите албуми се продадени во повеќе од 80 милиони примероци, а модерната музика не може да се замисли без неговите иновации и влијание.
Значи, како и за Олдфилд, нешто слично може да се каже и за него.
Тој Е Франција.
И тоа нејзиниот подобар дел.