10 работи за кои не знаевте дека ги измислиле жени

На жената не може да ѝ се препише само измислувањето на главоболката како метод за сексуална апстиненција. Таа има создадено многу практични работи кои секојдневно ги користиме. Моторна пила, на пример, е класичен женски изум. Мажот нека продолжи да се секира.

1. Хартиена ќеса

Првите хартиени ќеси изгледале повеќе како коверти. Но една работничка во фабрика за преработка на памук, Маргарет Најт, во 1868 измислила машина која ги правела ќесите со рамно, квадратно дно. Некојси Чарлс Анан го видел нејзиниот дизајн и се обидел да го патентира изумот на негово име. Најт поднела тужба и го добила случајот во 1871.

2. Кевлар

Пет пати посилно од челик, ова синтетичко влакно кое се користи за изработка на гуми, заштитни елеци и шлемови е случајно измислено од хемичарката СТефани Кволек, кога таа се обидувала да усоврши полесно влакно за автомобилски гуми.

3. Канта за ѓубре со такво што се стиска со нога

Лилијан Гилбрет подобрила неколку од постоечките изуми во нејзино време, со мали но многу битни детали. Во раните 1900-ти таа ги дизајнирала полиците на вратите од фрижидерите, го направила отварачот за конзерви полесен за користење и - ја измислила „педалата" на кантите за отпад. Сето ова го правила во соработка со сопругот Френк со кого имала дури 12 деца.

4. Монополи

Елизабет Меги ја создала „Играта на земјосопственикот" за да ја промовира економската теорија на Џорџизмот - преку неа играчите се подучувале во врска со неправичноста на одземањето имот, лошите страни на давањето на експлоатацијата и потребата од единствен данок на имот за земјосопствениците. Играта ја патентирала во 1904 и ја произвела во 1906. Речиси 30 години подоцна, еден човек по име Чарлс Дароу го сменил дизајнот на таблата и ја продал на компанијата Паркер брадрс под името Монополи. Истата компанија го откупила и оригиналниот патент на Меги, но за само 500 долари, без процент од продажбата.


5. Бришачи за шофершајбна

Возачите биле скептични кога Мери Андерсон го измислила првиот рачен бришач во 1903. Тие сметале дека е побезбедно да се вози на дожд и снег отколку да се вади рака надвор за да се чисти стаклото. Но една друга пронаоѓачка, Шарлот Бриџвуд ја измислила автоматската верзија во 1917. Од 1920 бришачите почнале да се појавуваат на различни модели автомобили, и тоа најпрвин на Кадилаци.


6. Пелени за една употреба

Марион Донован го променила концептот на родителство засекогаш откако нешто што требало да биде завеса за туш го применила како водоотпорна подлошка на бебешка пелена. Овој патент го продала на корпорацијата Кеко за 1 милион долари, а подоцна го усовршила моделот, правејќи пелена што се фрла наместо да се менува, пере, суши, пегла. И потоа истото тоа од почеток.

7. Сигнални ракети

Комуникацијата помеѓу бродовите на почетокот била ограничена на обоени знамиња, фенери и дерење. Но Марта Костон нашла планови за поефикасен метод во тетратката на нејзиниот починат маж и по 10 години напорна работа со хемичари и пиротехничари ја остварила идејата. Сепак таа во патентот фигурира како администратор, додека г-дин Костон е наведен како пронаоѓач.

8. Циркуларна моторна пила

Една ткајачка по име Табита Бабит била првата која дошла на идејата дрводелците да користат моторна пила наместо во парови да тегнат една механичка напред-назад. Направила прототип и го тестирала со тоа што го поврзала со тркалото за предење во 1813. Резултатот е алатка која бара јак машки мускул, ама е измислен од женски ум.

9. Каиш за куче што се пушта и собира

Мери А. Делејни, сопственичка на куче од Њујорк, го патентирала овој пронајдок во 1908. По 11 години го измислила и оној глупиот каиш-подводник за деца. Случајно?

10. Компјутери

Жените во компјутерските науки имаат своја хероина - Грејс Хопер, која е еден од дизајнерите на харвардскиот компјутер Марк 1. Се работи за чудовиште од пет тона, огромна машина за која треба посебна просторија, а која била направена во 1944. Хопер го измислила компајлерот која го преведува пишаниот јазик во компјутерски код, а е авторка и на термините „баг" и „дебагирање". Тие буквално значат „вадење на бубачката", затоа што Хопер рачно ги вадела молците и мушичките од машината. Во 1959, таа била член на тим која го развила КОБОЛ, еден од првите модерни програмски јазици.

8 март 2016 - 14:59