Сега му е мајката

Верувајте, сакате да го слушнете говорот на раперот Килер Мајк во поддршка на Берни Сандерс. Страсно, моќно, човечно, искрено и без калкулантство. Емоции и увереност какви ниту сме виделе ниту ќе видиме на наш терен. Од што ни направи ќеиф, го преведовме.

Сакам да кажам дека еден од моите омилени писатели додека растев беше Џејмс Болдвин. И памтам кога Болдвин велеше: „Баравте од татко ми да чека, баравте од брат ми да чека, баравте вујко ми да чека. Колку долго јас треба да чекам за слобода? Колку долго треба да чекам на права, на еднаквост?“ Како црно дете, го разбирав тоа бидејќи знаев дека сум потиснуван и го сфаќав тоа лично, но, како што растев, почнував да сфаќам: сиромашните белци се потиснувани, жените се потиснувани, геј, лезбејки и транс се потиснувани, децата на мигрантите се потиснувани....

Секој што е надвор од оној еден процент е потиснуван, затоа сакам да одвоите неколку секунди, да погледнете лево од себе и да погледнете десно од себе. Погледнете во својот сосед и кажете му: Комшија, сега е времето! Има и други како нас, ние сме посилни и веќе нема да чекаме! Сега му е мајката!

Кога ќе влезете во гласачката кабина, сакам во неа да понесете и сеќавање од ова денес: црни, бели, мажи, жени, стрејт, геј -  ние сме заедно, ние сме обединети, нашето време е токму сега! Нема да чекаме уште 4 години, нема да чекаме уште 20 години, нема да чекаме уште два други претседатела, уште три други претседатели....

Сега му е мајката! Не во иднина, не во некое апстрактно време, не во време во кое нешто би можело или би требало да се случи. Не е тоа утре, не е тоа задутре, нема да дојде следната недела... сега му е мајката.

Сенаторот Берни Сандерс ќе биде идниот претседател на Соединетите Американски Држави.

Мајкл Сантјаго Рендер, а.к.а. Килер Мајк

4 март 2020 - 14:55