Данска, конфликт менаџмент

Додека некои педантно го читаат последниот извештај на Европската Комисија за Македонија, бараат финеси и суптилни пораки надевајќи се дека ТАМУ е вистината за тоа до каде сме стигнале, да си раскажеме ние една маалска приказна од Данска, за која имаме и видео извештај.

Сè е кажано во видеото ама ова е толку надвор од нашиот космос што стварно сакаме и да го раскажеме:

Значи, дечково прави аматерска статуа на пони од некакви стари дрва, колку да го украси маалото. Го остава на заедничка површина, но, понито следниот ден го снемува.

Вака и вака, пишува на Фејсбук, некој го џапнал понито, да не видел некој нешто?

Му пишува девојка дека видела двајца како тегнат пони и го носат во една куќа. Му дава адреса.

Ѕвр-ѕвр...

- Да не има кај тебе случајно едно пони?

- Е, да, има. Извини, пијана работа...

- ОК, ај сега да го вратиш.

- Да го вратам.

Го влечкаат понито заедно по скали, значи сопственикот и лоповот, го симнуваат до пред влез.

Сопственикот вика:

- Лопови на понија не можат да пројдат неказнето!

Апашот ја пружа раката и овој му прави едно, ама најнежно "плес!", по што кабаетлијата вика:

- Прифатено.

****************

Ете, тоа. Што не ви се верува?

 

17 октомври 2013 - 12:00