Трамп најави 500 милијарди долари за ВИ

На првиот ден од мандатот Доналд Трамп објави инвестиција од 500 милијарди долари во ВИ секторот во САД, платена од приватни инвеститори, меѓу кои Оракл, ОпенАИ и јапонската Софтбанк.

Проектот се нарекува Старгејт и се очекува да започне со изградба на дата-центар во Тексас. Првите луѓе на овие три компании во Белата куќа ветија првична инвестиција од 100 милијарди долари, а останатите компании кои се очекува да се приклучат кон проектот треба кон него да ги придонесат останатите 400 милијарди.

Првиот човек на Оракл, Лари Елисон, изјави дека во Тексас веќе се градат 10 дата-центри, а планирани се и дополнителни.

Трамп тврди дека проектот „речиси веднаш“ ќе креира над 100.000 американски работни места.

Во исто време Трамп потпиша извршна наредба со која се укинуваат ограничувањата што ги воведе Бајден за безбедност на ВИ. Одлуката на Бајден предвидуваше големите јазични модели да ги споделат резултатите од безбедносните тестови со американската влада, а федералните агенции имаа задача да ги проценат потенцијалните ризици.

Сем Алтман, кој како ЦЕО на ОпенАИ беше присутен на објавувањето на инвестицијата, пред нешто повеќе од една година побара во ВИ да се инвестираат 7.000 милијарди долари, кои според него се неопходни за скок на следно ниво во развој на вештачката интелигенција.

22 јануари 2025 - 11:33