Во јуни беше објавен меѓународниот 5Г стандард кој ја дава рамката како ќе изгледа 5Г мрежата и хардверот за нејзе. Во создавањето на стандардот учествуваа неколку технолошки гиганти, како Куалком, Хуавеи, Ериксон, Самсунг и Нокиа, кои за возврат имаат право да го лиценцираат својот дел од технологијата што помогнале да се создаде.
Додека Нокиа одлучи да оди со една цена од 3 евра за уред, Ериксон има скала за своите патенти и ќе ги наплаќа меѓу 2,16 и 4,32 евра во зависност од цената на уредот. Куалком своите 5Г патенти ќе ги лиценцира за 2,275% од големопродажната цена на 5Г уредот, меѓутоа во име на добра волја кон Епл одлучи највисоката рамка да ја симне од 500 на 400 долари, со што најскапата лиценца што ќе може да ја наплати се намалува од 14,04 евра на 11,23 евра.
Заедно, само за 5Г патентите на Нокиа, Ериксон и Куалком секој производител ќе треба да плати над 18 евра за секој уред што ќе го состави. Во оваа сума не се вклучени 5Г технологиите од други компании, на пример од Хуавеи кои ги немаат јавно објавено цените, но генерално намерата е вкупните лиценци за 5Г да бидат поефтини отколку оние што беа за 4Г технологијата.