Верзијата на вработениот е дека добил видео повик од финансовиот директор кој јасно му кажал дека треба да ги исплати парите. Верзијата на финансовиот е дека тој никому не му се јавил, а уште помалку му кажал да исплати 25 милиони долари.
Полициската истрага открива дека и двајцата се во право. Вработениот навистина имал видео-повик со директорот како дел од видео конференција со повеќе луѓе. Меѓутоа и директорот, и останатите учесници во разговорот биле дипфјек анимации.
Вработениот прво добил меил во име на директорот во кој пишува дека треба да се спроведе тајна трансакција. Ова му паѓа сомнително и тој помислува дека станува збор за фишинг, меѓутоа за кратко време добива и видео повик во кој директорот го повторува истото, а останатите учесници во разговорот му изгледаат и звучат познато како колеги што ги гледал на работа.
По ова тој ги уплаќа парите. Измамата е откриена само откако колегите ја проверуваат трансакцијата со централата.
Според полицијата се работи за еден од неколкуте вакви случаи во последно време во кои се користи јавно достапно видео од најразлични високи менаџери на светски компании за да се извадат пари.