„На секои неколку дена се појавува нова тура западни воени експерти кои треба да нè осигураат дека Русите се целосно бескорисни, нивните војници се некадарни и непослушни, нивните тактики се архаични а нивните команданти се разнесени на парчиња од галантната, демократска, мирољубива украинска тешка артилерија. Плус, овој континуиран дебакл се крие од обичниот Русин, на кого едноставно не му ја кажуваат вистината.
Проблем е што и нам не ни ја кажуваат. Секоја објава од украински политичар, без разлика колку е излудена („Путин само што преживеа пуч“) се пренесува без проверка, тука вклучувајќи ги и бројките за тоа колку војници има убиено секоја од страните. На малите украински победи им се дава огромен простор, а на големото руско напредување нешто помалку - освен, ако при тоа напредување, тие немаат бомбардирано сиропиталиште,“ пишува Род Лидел во текстот за британски Тајмс, во кој повторува дека и понатаму навива за Зеленски во војната против Путин.
Лидел не се согласува со тврдењето (меѓу другите и на Папата) дека Западот сноси одговорност за почетокот на војната во Украина, меѓутоа алармира дека Западот ќе сноси одговорност за поразот на Украина.
„Тоа и е проблемот: нашето гледиште не е непристрасно и е оформено од посакувани мисли - како што е од прв ден. Ништо подобро не ја нагласува оваа поента од константното инсистирање дека Владимир Путин изгледа нешто болежлив. Неговото лице е надуено. Тешко се движи (иако не и кога игра хокеј на мраз). Рацете му се тресат. Се згрчи кога се сретна со Ердоган. Нема уште долго да трае на светов. За пред некое време да чуеме од директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, него стариот Влад е ’премногу здрав’ - прч. Ако чекате од него дека ќе си замине, ќе се изначекате.
Причината за нашата заслепеност околу конфликтот е чистата импотенција и засраменоста околу оваа импотенција. Преплашени од предупредувањата на Кремљ дека западното вмешување, како зона на забранети летови, ќе значи ’Трета светска војна’ и размена на нуклеарки, ние целата наша верба ја ставивме во санкциите. Меѓутоа санкциите никогаш не успеваат, и во овој случај тие не успеаа уште поспектакуларно од вообичаено.
Самодоволната Русија сосема добро минува, додека овие што наметнуваат санкции се заглавени во инфлација, а половина Западна Европа стравува дека ќе и биде отсечен гасот. Плус, повеќе од половина од светската популација живее во држави кои немаат намера да наметнуваат санкции против држава за која веруваат дека е неопходен коректор на декадентниот Запад. Во светот не постои едногласност околу Путин.
Им ги протнуваме на Украинците оружјата што се плашиме да ги користиме - па дури и тогаш, од страв, ги пуштаме бавно и со целото криење и претпазливост неопходно да нè држи на страна од фронтот. На кратко, ние сакаме Украина да победи а ние да ги собереме заслугите за таа победа, ама не сме подготвени ништо да направиме што би ја нарушило комфорноста на нашиот живот,“ пишува Лидел.