Додека Вашингтон и Техеран си предлагаат еден на друг спротивставени планови за крај на војната, а потоа редовно ги отфрлаат, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху објави список услови што Иран треба да ги исполни за да заврши војната.
Има многу незавршени работи. Сè уште има нуклеарен материјал, збогатен ураниум, кој мора да се изнесе од Иран. Сè уште има објекти за збогатување кои мора да се демонтираат. Сè уште има милитантки групи што Иран ги поддржува. Тие сè уште сакаат да произведуваат балистички проектили, изјави Нетанјаху во интервју за емисијата „60 минути“ на CBS.
Тој оцени дека за Иран е подобро да го предаде сиот нуклеарен материјал отколку да му биде отстранет со сила.
Тоа не е проблемот. Тоа може да се направи физички. Ако имате договор и влезете и го извадите, зошто да не? Тоа е најдобриот начин, изјави Нетанјаху.
Набрзо се надоврза и американскиот претседател Доналд Трамп, кој го отфрли како „неприфатлив“ новиот мировен предлог од Техеран. Иран, од позиција на страна што победува во војната, постави максималистички барања – да добие воена отштета, право на управување со сообраќајот низ Ормускиот теснец, укинување на сите меѓународни санкции за Техеран, одмрзнување на државните средства, запирање на нападите во Либан и гаранции дека САД и Израел нема повторно да му објават војна. Предлогот не содржел точки за нуклеарната програма на Иран и збогатениот ураниум.

Трамп досега даваше хаотични изјави за нуклеарната програма на Иран, која повеќе пати ја спомна како една од причините за војната. Во април тој изјави дека „не му е гајле“ за збогатениот ураниум бидејќи бил „толку длабоко под земја“. Вчера тој изјави дека САД ги надгледуваат преостанатите залихи на збогатен ураниум на Иран и дека „ќе ги добијат тоа во одреден момент“.
Ние ги надгледуваме. Ако некој се приближи до некое место, ќе знаеме за тоа и ќе го дигнеме во воздух, изјави Трамп.
Тој сепак, ја повлече сопствената изјава дека е постигната целта на војната против Иран.
Не, не го кажав тоа. Иран е поразен, но тоа не значи дека работата е завршена. Погодени се околу 70% од планираните цели. Можеме да продолжиме уште две недели и да ја погодиме секоја цел, додаде Трамп.
Државниот секретар Марко Рубио пред една недела изјави дека војната завршила откако во април стапи на сила прекинот на огнот.
Операцијата Епски бес е завршена. Ја постигнавме целта на таа операција, изјави Рубио.