Украина полека почна да се откажува од територијата

Како што Трамп остана на својот став за најитно примирје во Украина по неговото влегување во Белата куќа, така Киев почна да ја приоретизира идната безбедност на земјата, на сметка на враќање на територијата.

По две години инсистирање дека нема да се откажат од територијата окупирана од Русија, Украина сега многу повеќе работи на добивање на безбедносни гаранции од Западот во случај евентуалното примирје да не успее.

„Прашањето за територијата е екстремно важно, меѓутоа тоа и понатаму е второ прашање.

Прво прашање се безбедносните гаранции,“ ја пренесува Њујорк тајмс изјавата на висок украински функционер.

Едно од можните решенија за окупираната територија на Украина е таа да остане под контрола на Русија и по примирјето, меѓутоа Украина и понатаму да не се откажува од истата територија, и во основа таа да дреме како нерешен проблем слично на турски Кипар.

Во октомври и самиот Зеленски зборувајќи околу прекинот на огнот изјави: „На сите им е јасно дека без разлика по кој пат ќе тргнеме, правно никој нема да признае дека окупирани територии им припаѓаат на други држави.“

Главната недоверба на Украинците е дека дури и да се потпише мировен договор, Русите на долг рок нема да го почитуваат примирјето, исто како што не го почитуваа и она од 2014. За да го надминат овој страв, Украинците бараат членство во НАТО и обемен арсенал западно оружје.

Тема за која ќе треба да се разговара е и широчината на демилитаризираната зона, која треба да им гарантира безбедност на идните инвеститори во украинските индустриски области на истокот.

Од друга страна, Москва нема намера да почне да преговара додека Украина не се исчисти од Курск, а според потврдите струи во Москва, секое примирје ќе бара и Украина да се откаже од територија.

Во интервју во јули, Трамп го објасни својот план како директен разговор со лидерите на Украина и на Русија. На првиот, дека мора да се договори, затоа што во спротивно нема веќе да добива оружје. На вториот дека мора да се договори, затоа што во спротивно Киев ќе добие многу повеќе оружје.

На терен Украина во моментов губи повеќе територија од кога и да е, откако на Русија и вродија со плод упорните и скапи напади (во опрема и луѓе) на трошење на непријателот, додека Украина не може никако да ги пополни своите редови со нови регрути на некоја минимално задоволителна граница.

18 ноември 2024 - 12:29