Паравоената обука што ја добиваат четворица од тимот што го уби Кашоги се случува во исто време кога нивната тајна единица е дел од масовна кампања на киднапирања, затворања и измачување на саудиски граѓани по наредба на престолонаследникот Мухамед бин Салман.
Обуката е од Тиер 1 груп, која е во сопственост на милијарди долари тешкиот Серберус капитал менаџмент. Од Тиер 1 изјавуваат дека обуката опфатила „безбедно стрелање“ и „спротивставување на напад“ и дека по природа била одбранбена и осмислена за подобро да ги заштити саудиските лидери. Подоцнежна истрага покажала дека обуката што тие ја добиле во САД не била поврзана со „гнасното дело“.
Како што пишува Њујорк тајмс иако нема докази дека американските функционери кои ја одобриле обуката знаеле во што се вмешани Саудијците, останува фактот дека американската влада одобрила обука на високо ниво за оперативци кои го спровеле убиството на новинарот.
„Исто така ја нагласува опасноста од воени партнерства со репресивни влади и демонстрира колку малку надзор постои откако обучените ќе се вратат дома,“ се наведува во текстот на Њујорк тајмс.
Саудиската кралска гарда добила дозвола за обука уште во 2014 за време на администрацијата на Обама, а обуката продолжила најмалку до крајот на 2017, првата година од владеењето на Трамп.
Тиер 1 првично е формиран за обука на американски граѓани и воен персонал, меѓутоа како што се намалува американскиот буџет за воени интервенции во странство тие почнуваат да бараат клиенти надвор од САД. За обуката на кој било странски државјанин компанијата прво мора да побара дозвола од Стејт департманот.