Очекувањето е дека ќе има уште многу апсења, но за многумина ова е обид на властите да го свртат вниманието од катастрофата во која до сега загинаа над 40.000 луѓе.
Обвинителството веќе почнало со собирање на примероци од паднатите згради како доказ за материјалите што биле употребени во нивната изградба. Паралелно со ова турскиот министер за правда јавно вети дека сите одговорни ќе бидат казнети и дека е воведено биро за „истрага на злосторствата во земјотресите“.
Меѓу уапсените на пример има двајца од Газијантеп осомничени дека ја намалиле ширината на носечките столбови за да направат повеќе простор во зградите што паднале. Во Истанбул додека се обидувал да се качи на авион за да ја напушти земјата уапсен е градежник на луксузна зграда од 12-ката во Антакја која целосно се сруши.
Експерти долги години алармираат на проблемот со ниските стандарди по кои се градат зградите во Турција, како резултат на корупција и погрешни владини политики. Меѓу овие политики се и т.нр. амнестии за градежници кои не ги следеле градежните правила со цел да се поттикне градежниот бум во земјата.