И покрај најавите дека безмилосно ќе се бори против нелегалната имиграција, до ноември оваа година претседателот Доналд Трамп вратил во Мексико 26 отсто помалку Мексиканци во споредба со истиот период минатата година кога претседател бил Барак Обама, покажаа податоците од мексиканската влада.
Според Министерството за внатрешни работи на Мексико, во периодот од јануари до ноември 2017 година, од САД беа репатрирани околу 152.000 мексикански државјани; лани биле вратени 205.000 лица.
Трамп кој ја презеде функцијата на 20 јануари годинава, ветуваше дека ќе избрка милиони имигранти кои престојуваат во САД без документи и дека ќе изгради ѕид долж границата со Мексико. Тој ги укина и заштитните механизми против депортација донесени за време на мандатот на Обама, кои главно се однесуваа на луѓе кои биле илегално донесени во САД како деца.
Според податоците од почетокот на октомври, и покрај помалиот број вратени мексикански државјани, за 30 отсто е зголемен вкупниот број приведени имигранти. Овие податоци се однесуваат за фискалната 2017 година (во САД таа почна на 1 октомври лани и заврши на крајот септември оваа година). Според истите податоци, помалиот број вратени мигранти во споредба со претходната фискална година првенствено се должи на 17 отсто помалку уапсени мигранти на границата.
„Мексиканците се исплашија од мерките како што е забрзаното враќање, што ги одвраќа од намерата да влегуваат илегално“, велат од Одделот за домашна безбедност.