По посетата на Саудијците каде се договори фина соработка во износ од околу 600 милијарди долари, на ред дојде посетата на Европа и средбите со стандардните американски сојузници од континентов.
Од "не сме тука да ви држиме лекции" кај Саудијците, на средбата со лидерите на ЕУ Трамп сврте на "Германците се многу, многу лоши", и порача дека актуелниот договор и американска воена посветеност на ЕУ е "нефер кон луѓето и даночните обврзници на САД". Кога се префрлија во НАТО (освен што се туркаше со премиерот на Црна Гора), Трамп ги искара останатите членови на алијансата "дека не плаќаат колку што треба да плаќаат", и по пат одби да ја потврди својата посветеност кон членот 5 од НАТО договорот.
Кога се врати во САД, Трамп изјави дека "патувањето беше голем успех за Америка". Во исто време, истото патување, барем европскиот дел од турата, ја натера Меркел во Баварија со кригла пиво во рака да порача дека мина времето во кое Европа може да се потпре на други за сопствена заштита, и дека мора да ја преземат судбината во сопствени раце. Додека Макрон ги опиша постапките на Трамп како "дипломатија на јавни навреди" со која може да се справиш само со директни тврди преговори.
На домашно тло кај Трамп, претставник на Стејт Департманот за Дејли бист порачува: "кога е во прашање дипломатија, претседателот Трамп е пијан турист. Гласен и несмасен, и се тетерави на подиумот за играње. Гази други луѓе без да биде свесен за тоа. Неспособен."
Според неименуваниот дипломат најопасниот потег на Трамп е неговата "ароганција" во заканата дека ќе го уништи Парискиот климатски договор, со тоа што ќе го повлече САД од него. Трамп ова го најави во "риалити шоу објава дека конечната одлука околу повлекувањето од договорот ќе биде 'следната недела'!"