Господ е добар и Господ сака да ги види луѓето згрижени, одговори Трамп на прашањето дали верува дека Господ е на страната на САД во војната против Иран.
Трамп додаде дека ни тој лично ни Господ не сакат насилство, но дека Севишниот сепак ги поддржува воените акции на САД.
На Господ не му се допаѓа она што се случува. Не ми се допаѓа ни на мене. Сите велат дека уживам во тоа. Не уживам во ова, изјави Трамп.
Тој повторно се пофали дека е посреќен поради тоа што „завршил осум војни“.
Ова е последниот во низата обиди на Трамп да ја оправда војната против Иран. Како причини досега ги наведе збогатувањето на ураниум до степен да се употреби во атомска бомба, развојот на проектили со кои Иран може да ги гаѓа САД и бруталното задушување на антивладините протести во Техеран. За ништо од ова не понуди конкретни докази.
Во изминатите денови тој настојува да ја прикаже операцијата Епски гнев како егзистенцијална војна помеѓу христијанството и исламот. Претседателите на САД честопати се повикувале на верата во време на конфликт. Но, Џорџ Буш и Барак Обама, кои исто така водеа војни на Блискиот Исток, упорно нагласуваа дека САД не војуваат против муслиманите или исламот, туку против група луѓе кои ја нападнале Америка.
Трамп се идентификува како христијанин, но вели дека не се моли редовно ниту ја чита Библијата. Во вториот мандат почна почесто да се повикува на Господ, сугерирајќи дека неговото политичко враќање и преживување на атентатот имаат „поголема цел“. Неговите најголеми поддржувачи тврдат дека Господ им го испратил како спасител.
Токму на Велигден, Трамп ги премина религиските граници, спомнувајќи го Алах во заканите дека ќе ја срамни со земја Исламската Република.
Отворете го проклетиот теснец, луди копилиња, или ќе живеете во пеколот – Само гледајте! Слава му на Алах“, порача Трамп во неделата.
Муслимански лидери ја осудија употребата на фразата „Слава му на Алах“ како потсмевање со религијата.
Дури и папата Лав, роден Американец, во велигденската порака ја осуди војната против Иран.
Господ не ги слуша молитвите на оние што водат војна, порача папата.
Министерот за одбрана Пит Хегсет, кој го придружуваше Трамп на брифингот во понеделникот, користеше метафори за распнувањето, смртта, погребувањето и воскресението на Исус, говорејќи за спасувањето на американскиот пилот од авионот што се урна на иранска територија.
Тој беше соборен на Велики петок, се криеше во пештера цела сабота и беше спасен во неделата. Преродениот пилот одлета од Иран на изгрејсонце на Велигден, изјави Хегсет.