Обновувањето на судирите на фронтот кај градот Авдијика во центарот на Доњетската област беше причина украинскиот претседател Порошенко да ја прекине посетата на Берлин и да се врати во Киев.
Пред да си замине од Германија, Порошенко успеа да се види со канцеларката и да побара од нејзе Западот да ги заостри санкциите против Русија. Она што според руските експерти Порошенко го дознава на средбата е дека Меркел во разговорот со Трамп зборела и за Украина, и дека американскиот претседател не бил ни приближно благонаклонет како Обама.
Во речиси исто време со ова се случува и првиот телефонски разговор меѓу Трамп и Путин, каде според портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, двајцата се договориле дека "не смеат да дозволат украинската криза да стане хронична, и дека мора да се зголемат напорите за нејзино решавање".
На страна Путин, дополнителен проблем на Порошенко во односите со САД е и тоа што Јулија Тимошенко деновиве замина за Вашингтон на средба со луѓето на Трамп. Пред полетување таа порачува дека во Украина мора да се одржат вонредни парламентарни избори, бидејќи владејачката коалиција повеќе не постои. Таа ова го надополни со стандардните "Порошенко и целиот парламент се тотално непрофесионални и корумпирани", а според анкетите поранешната премиерка бележи раст на рејтингот, додека актуелниот претседател има пад.
Околу целата ситуација Њузвик предупредува дека Русија би можела да ја окупира цела Украина, а потоа да почне да шири кон Балтикот и Полска. Вашингтон пост верува дека Путин бил разочаран од разговорот со Трамп, па сакал да им ја расипе средбата на Порошенко и Меркел, заради што и го наредува нападот на Авдијика.
На другата страна од приказната руските медиуми наведуваат дека Киев е очаен што ја губи поддршката од САД, а со самото тоа и од Европа, а војната офанзива е знак дека во Киев има попуштено со "нервите". Киевскиот аналитичар и некогашен советник на Јанукович, Михаил Погребински, во изјава за РТ ескалацијата во Украина ја поврзува со американскиот сенатор Џон Меккејн:
"Украина е спомената за време на разговорите на Трамп со Меркел и Путин. Уште поважно, Трамп на Твитер напиша дека Меккејн се обидува да започне Трета светска војна. Меккејн провоцира голема војна а за тоа добива ордени од Порошенко".
Според претходни искуства од постапките на Меккејн и други "јастреби" на САД кои заговараа воено решение во Украина и дека за тоа имаа разбирање и соработка од службен Киев, хрватскиот портал Адвенс проценува дека полесно е да се поверува дека Порошенко ги обновил борбите на фронтот:
"И пологично е отколку да се верува дека Путин наредил напад по кој сите руски жители на Авдијика, градот на границата со Народна Република Доњецк, останаа без услови за живот и минаа во бегалци. Ова би било поуверливо кога по првиот напад на Путин линијата на фронтот би била придвижена барем некој километар на запад. Сепак изгледа прилично јасно што се случува во украинскиот хаос, но и покрај тоа, крајот на драмата не се гледа."