Бродовите веќе одамна немаат гориво. Светлата се исклучени а нема ни греење. Воопшто нема топла вода, ладната е при крај а тоалетите се запечатени. Целиот екипаж не е платен неколку месеци.
Од време на време пристигнува комбе со храна. Повремено, кога комплетно ќе снема храна, компанијата од Тангер која ги поседува бродовите испраќа по 1.000 - 2.000 евра за офицерите да можат да купат багети и конзерви туна.
Самите морнари се разочарани што нивната компанија ги оставила без да се грижи за нив. Понекогаш добротворни организации оставаат храна и облека на пристаништето кај бродовите, ама морнарите ја игнорираат помошта.
"Не сме просјаци. Имаме чесна и храбра работа и ние треба да бидеме тие што им даваме, што им помагаме на другите," порачуваат морнарите.
Компанијата Comanav-Comarit која повеќе од 3 децении пренесува патници меѓу Мароко и Франција е во долг од околу 200 милиони евра. Токму заради ова трите брода Marrakech, Bni N'sar и Biladi, беа закотвени во француското пристаниште веднаш по пристигнувањето.