Гардијан пишува дека предлогот добил квалификувано мнозинство меѓу водечките ликови на движењето за независност на Шкотска. Вториот човек на партијата, Кит Браун, објави дека предлогот, изработен со шкотскиот министер за финансии, ќе биде поднесен на гласање на пролетната конференција на ШНП. Ставот е дека разјаснување на прашањето околу националната валута „ќе ја максимизира поддршката за независна Шкотска“ на некој следен референдум.
Во планот на Браун, Шкотска добива независност од Британија и во транзицискиот период продолжува да ја користи британската фунта, меѓутоа независниот шкотски парламент ќе треба во својот прв мандат да воведе посебна шкотска валута.
Критиката на активистите за независност на Шкотска е дека новиот план е составен од зорт, откако во мај минатата година партијата објави план според кој британската фунта требаше да се задржи на неодредено време, што инстантно беше дочекано со осуда.
Токму неизвесноста околу решението за идната валута на земјата се верува дека е причината што во 2014 не успеа референдумот за независност од Британија. Во тоа време планот на шкотската влада беше дека тие по независноста ќе продолжат да ја користат британската валута останувајќи во финансиска унија со остатокот од кралството. Ова инстантно беше отфрлено како опција од тогашниот прв човек на британскиот трезор.