Се работи за Шетландските острови на северот од земјата кои веќе имаат автономија во рамките на Шкотска (собираат данок и управуваат со училиштата), меѓутоа сега бараат зголемени овластувања и специјален статус. Како пример, тие би биле задоволни со она што Фарските острови го имаат добиено од Данска.
На Шетланд мнозинството од жителите се декларираат како потомци од скандинавските освојувачи, а географски тие се поблиску до Норвешка отколку до Единбург. Втора работа, под островите се наоѓа добар дел од британските резерви со гас и нафта.
Токму последната ставка жителите на Шетланд ја сметаат за нивна предност во преговорите и разбирањето со Шкотска за добивање на поголеми слободи и ингеренции.
Локалците ја имаат контролата на ресурсите, и не дозволуваат која било влада (без разлика дали во Лондон или Единбург) да им се меша во таа работа.
Веќе има и онлајн петиција во која жителите на Шетланд и соседните острови, се повикуваат да организираат референдум на кој треба да одредат дали ќе се приклучат кон независна Шкотска, дали ќе останат во Британија или ќе прогласат независност.
Најверојатното сценарио е дека островите во замена за поголем процент од приходите од нафта и гас, ќе се приклучат кон Шкотска.
Историски Шетланд е сиромашно место кое постојано е игнорирано од владите на југот и кое зависи од риболов и од продажба на производи од шетландска волна. Во 1960-та во близина на островите е откриена нафта, од тогаш тие доживуваат економски бум. Таму е изграден и еден од најголемите терминали за нафта и гас во Европа.