Рускиот "Блеквотер" го окупираше Крим

Војниците кои во необележани униформи ги зазедоа двата аеродроми на Крим не се членови на руската армија, туку се од приватната компанија за безбедност Вневедомственаја охрана, која соработува со руската Влада. Информациите од Крим се дека овие војници веројатно го подготвуваат теренот за враќањето на Виктор Јанукович.

Во текот на денот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во телефонски разговор му пренел на државниот секретар Џон Кери дека ниту еден руски војник не е распореден надвор од базата на Црноморската флота.

Вневедомственаја охрана функционира како приватна компанија која има посебен оддел во руското министерство за внатрешни работи. Таа најмува платеници чија работа е заштита на руските морнарички инсталации и останат имот на Крим. Според други дипломатски извори на аеродромот се распоредени паравоени единици ама тие не се од Вневедомственаја охрана.

"Тие немаат руски воени униформи, а руската влада негира дека тие се дел од руската армија. Всушност најголемиот дел од нив може и да се граѓани на Украина. Меѓутоа ова се луѓе на кои легално им е дозволено да извршуваат работи во име на руската флота," објаснува Димитри Симес, претседателот на Центарот за национален интерес.

Според Симес, за сега тешко е да се верификуваат информациите од Крим, меѓутоа јасна е пораката на Москва дека платениците имаат две задачи: прво, да го обезбедат аеродромот за да се осигураат дека илјадници про-западни демонстранти нема да извршат десант на Крим и второ да го осигураат теренот за пристигнување на Јанукович на Крим, каде што се уште ќе може да ја брани својата позиција - претседател на Украина.

"Тие создаваат безбедносен периметар. Јанукович се уште има власт (во очите на Москва) да им дозволи на овие единици да ги спроведат сите акции што тие сметаат дека се неопходни. И според мои извори, тоа и се случува," проценува Симес.

Видео од упадот во парламентот на Крим

Од американските тајни служби изјавуваат дека не постојат никакви знаци дека Русија се подготвува да ги искористи своите бази за инвазија на Украина. Меѓутоа платениците му дозволуваат на Путин да има војска во Украина, а притоа да може да негира каква било воена интервенција во земјата. Планот би им дозволил на новите власти на Крим, да одржат референдум а потоа и избори, по кои би вовеле автономија.

Според американските процени, Вашингтон и нема многу опции во целата ситуација, бидејќи ако инсистира дека војниците и припаѓаат на руската армија, тогаш тие ќе треба да кажат што планираат да преземат околу тоа. Меѓутоа тие не гледаат начин на кој би можеле да ги присилат Русите да заминат од таму.

"На крај САД секако нема да испрати војска во Украина. Вашингтон има ограничени опции да искористи економски санкции, и затоа нема да биде во можност да го сопре планот за здружување на Русите од Крим со Јанукович. Ако поранешниот украински претседател не може да владее со цела Украина, можеби тој планира да воспостави влада на Крим која ќе ги игнорира власите во Киев," пишува Џош Рогин за Дејли Бист.

Објаснување за Крим во 60 секунди

28 февруари 2014 - 23:30