Документите покажуваат дека кинески државни одбранбени компании им испорачуваат на руски воени компании опрема за навигација, технологија за попречување сигнал и делови за воени авиони.
Во податоците што ги обработува ВСЖ, по нивни процени, се опфатени само неколку од десетиците илјади пратки на производи и компоненти кои имаат двојна употреба (и воена и цивилна) кои Русија константно ги увезува од почетокот на војната.
Кинеската поддршка за Русија која неочекувано доби на сила последниве месеци требаше да биде и тема на состанокот меѓу Блинкен и неговите кинески колеги, кој не се одржа заради инцидентот со кинескиот метеоролошки балон.
Високата технологија, процесори и чипови, се меѓу малкуте компоненти за кои Русија нема домашно производство па мора да ги увезува за потребите на воената индустрија. Токму и затоа чиповите беа меѓу првите производи чиј извоз во Русија беше забранет од Западот.
Иако овие санкции и понатаму важат и прилично и наштетуваат на руската економија и индустрија, нивна најслаба страна е што тие не се прифатени од целиот свет, од кој главна болка се Кина, Турција и Емиратите.
ВСЖ руските царински документи ги добива од Ц4АДС, непрофитна организација од Вашингтон специјализирана за национални безбедносни закани.
Кинеските компании што ги контактира весникот порачуваат дека ако нивните производи се на списокот тоа веројатно е затоа што трети лица недозволено го користат нивното име.
Ванг Шаофенг, генералниот директор на ФБЕ (Fujian Baofeng Electronics) која се наоѓа на списокот на ВСЖ му објаснува дека освен што нема никаква пишана трага дека извезувале на некоја узбекистанска компанија (која потоа испорачува во Русија) тие воопшто не ги ни произведуваат телескопските антени за кои се обвинети дека и ги испорачале на Русија.
Кога беа воведувани санкциите против Русија западните власти се пофалија дека за разлика од досега, овој пат мета е целосниот руски ланец на набавка, што опфаќа и стока произведена во трети држави со американски компоненти кои имаат двојна употреба, а потоа се испорачуваат на Русија.