До сега ова се манифестираше со окупацијата на Крим, која има големи изгледи дека ќе биде дополнета и со уште неколку региони на Украина. Што се однесува до идните планови, тие веројатно ќе се базираат на една неодамнешна изјава на Путин, дека "ќе ги заштитува етничките Руси каде и да се наоѓаат."
Главниот интерес на Путин во Украина е индустрискиот појас. Во Казахстан (3,5 милиони етнички Руси) Путин би можел да биде заинтересиран за северот, каде што се наоѓа џиновското поле за природен гас Карачаганак и огромни залихи на метали и минерали. Многу е веројатно дека тој има мерак и на цела Белорусија (со која сериозно ја спука работата по инвазијата на Крим).
Во други анализи, се верува дека Путин нема да застане додека копнено не се поврзе со Калининград, што би претпоставувало запоседнување на целиот Балтик и Финска. (Ова е помалку веројатната варијанта бидејќи сите овие земји се членови на НАТО.)
"Путин би сакал да ги копира најголемите политички херои на Русија - Петар Велики и Катерина Велика - и да ја прошири Русија преку освојување на своите соседи.
Овие големи царови имаа и друго наследство: и двајцата го свртеа својот поглед кон Западот и на големо позајмуваа од европската култура и обичаите. Токму тука Путин се разликува од нив. Пред да ја напушти функцијата или пред да умре, тој би сакал повторно да ја создаде руската империја со одлучно вртење кон Истокот и припојување на одбрани делови од поранешните советски држави кои го опкружуваат," пишува Стив ЛеВајн за Кварц.