Русија ги напаѓа украинските линии со артилерија, ракети и дронови со пет пати поголем обем отколку што Украина може да врати, а украинските сили се истоштени од интензитет на бомбардирања кој не е забележан ни во некои од најжестоките битки во Првата и Втората светска војна.
„Западот даде крпен одговор на можноста за руско пробивање во рок од неколку недели. Артилериските залихи, дури и за нивниот сопствен арсенал во држави како Британија, Германија и САД нема да бидат надополнети уште цели две години.
Германија ја зголеми воената потрошувачка но и понатаму одбива на Украина да и прати клучни оружја како проектилите Таурус.
Сојузниците во НАТО и ЕУ треба да имаат координирана стратегија за спречување на катастрофата што ја чека Украина. Ако Зеленски е поразен, Киев и Одеса сведени на крш, западните сојузници ќе треба многу повеќе да работат за да одговорат.
Владимир Путин по масакрот во Крокус салата јасно кажа дека сега борбата не му е само против 'нео-нацистичка' Украина, туку и против 'нео-нацистичкиот Запад', кого режимот во Киев само го претставува,“ пишува Роберт Фокс во текстот за Стандард.
Неговата процена е дека западната алијанса периодов изгледа хаотично. Американците се преокупирани со внатрешни недоразбирања, а европските партнери заглавени во енергетска криза (Германија, Италија и Шпанија) гледаат тајно и јавно да постигнат некаков помек договор со Русија.
Фокс пишува дека Русија до сега има изгубено 405.000 војници во битките (Украина 385.000), меѓутоа има 1,3 милиони подготвени за војна, и има можност да ангажира уште 1,5 милиони до 2027. Бројки кои според него треба да послужат за војна против Западот.
Тој ја критикува британската влада за недоволно трошење на одбрана, и објаснува дека во ветените 2,1% од БДП-то всушност се вклучени и пензиите и останатите социјални бенефити за припадниците на војската и одбраната.
„Неопходна е едноставна и практична ревизија на одбраната во рок од неколку месеци од доаѓањето на следната влада на власт.
За жал лошата судбина на Украина покажува дека можеби е предоцна и за тоа. Ние мора сега да сфатиме дека судбината на Украина одлучува за безбедноста на Западниот свет,“ порачува Фокс.