Политичкиот естаблишмент на Филипините генерално е изваден од памет, откако последните анкети покажаа дека кандидатот Родриго Дутерте има јасна предност на анкетите пред изборите на 9-ти мај, и покрај тоа што кампањата му беше преполна со пцуење и најави дека ќе стави крај на криминалот во земјата убивајќи десетици илјади криминалци.
Во врска со обвинувањата дека бил женкар, 71-годишниот Дутерте одговара дека во тој период бил разведен од жена му, "а не сум импотентен. Што треба да правам? Да оставам ова да виси до крај на живот?" притоа покажувајќи кон својот пенис. Околу темата тој ги смирува гласачите објаснувајќи им дека имал две љубовници, ама не се скапи, бидејќи им плаќал кирија во евтини куќи, и ги носел само на неколку часа во хотел чисто за секс.
Тој зборува и за времето кога раководел со паравоени одреди на смртта додека бил градоначалник на Давао (најголемиот град на југот од земјата). Во една ситуација тој изјавува дека неговите одреди имаат убиено 1.700 криминалци. Во други интервјуа тој отфрла каква било поврзаност со одредите на смртта.
Токму пресметката со криминалците е едно од неговите главни ветувања. Дутерте вети дека по доаѓањето на власт ќе го истреби криминалот од земјата наредувајќи им на специјалните сили да убиваат криминалци. Во еден од своите говори тој ветува дека неговото претседателство ќе биде "крваво."
Во оваа борба тој ветува дека ќе ги помилува сите војници и полицајци кои ќе бидат обвинети за прекршување на човековите права, "ќе издавам по 1.000 помилувања на ден." Исто така потсетува дека Уставот му дава шанса да се помилува и самиот себе.
Мината недела тој го даде следниот коментар за австралиската мисионерка која во 1989-та беше силувана и убиена во бунт во затворот во Давао:
"Бев гневен што мисионерката беше силувана, ама убава беше. Си викам, градоначалникот требаше да биде прв."
На критиката што стигна од австралиската амбасада, Дуерте одговори "да си ги затнат устите" и ги предупреди дека ако тој стане претседател дипломатските односи им се во опасност.