Предизвикот за дуел на стадион беше од комичарот Володимир Зеленски, инаку втор финалист на претседателските избори во земјата, и за сега не е јасно дали понудата беше блеф или навистина се очекуваше Порошенко да го прифати тоа. По пребројувањето на првиот круг Зеленски излезе со речиси два пати повеќе гласови од Порошенко.
Во средата Зеленски преку видео спот го предизвика Порошенко на дуел, под услов тој да биде одржан на Олимпискиот стадион, во живо да биде пренесуван на сите ТВ станици и двајцата кандидати да минат медицински тестови за да се покаже дека „тие не се зависници од алкохол или наркотици“.
Дел од сомнежот околу сериозноста на поканата доаѓа и од соопштението на управата на стадионот, од каде изјавуваат дека никој пред Зеленски да го објави видеото не им спомнал ништо за никаков дуел.
Во четвртокот Порошенко излезе со свое видео во кое порача дека бил подготвен за ТВ дебата со Зеленски, „ама ако сакаш стадион, нека биде стадион. Те чекам.“
Од тимот на Порошенко изјавија дека нивниот кандидат ќе даде крв за тестирање во петок наутро. Тимот на Зеленски имаше забелешка на изборот на клиника каде Порошенко сака да даде крв за тестирање и побараа тој да оди во друга.
„Додавајќи на шпекулациите дека предизвикот бил блеф, тимот на Зеленски објави второ видео во четвртокот вечерта, предлагајќи модератор на дебатата да биде Јулија Тимошенко, која заврши на трето место во првиот круг,“ се објаснува во текстот на Гардијан.