Почна?

Веќе се во тек подготвителните операции во кои се чистат руските депоа со оружја и муниција на фронтот и се прекинуваат линиите за нивно снабдување, објавил советникот на Зеленски, Михајло Подолјак, објаснувајќи дека ова ќе потрае.

„Интензитетот се зголемува ама ќе треба да мине прилично долго време,“ изјавил Подолјак, порачувајќи дека како се вжештува контраофанзивата така ќе гледаме се повеќе воени упади на руска територија, како оној во Белгород.

Во исто време со изјавата и првиот човек на украинската војска, генерал Валериј Залужниј, на Телеграм објави видео од своите војници со пораката „Време е да си го земеме тоа што е наше.“ Додека секретарот на украинскиот совет за национална безбедност и одбрана, Алексеј Данилов, за Би-би-си изјави дека контраофанзивата би можела да се случи „утре, задутре или за една недела.“

Данилов порачал и дека Киев „нема право да направи грешка“ околу одлуката бидејќи тоа е историска шанса што „не смееме да ја изгубиме.“

Надежите за скоро започнување на контраофанзивата се сериозно подгреани и од топлото време кое подолг период ја зафати Украина по пролетните дождови од кои фронтот беше целосно непрооден.

Подолјак ги коментира и вооружените упади во Русија изведени од руски вооружени групи, кои според него не работат под команда на Киев, но Киев не се труди нешто многу да ги запре бидејќи длабоко сочувствува со сите незадоволни од руската власт.

„Колку повеќе територија ослободува Украина толку повеќе инциденти ќе гледаме на територија на Руската федерација.

Тоа е објективна последица на војна со висок интензитет која ќе покаже дека Русија не може да спроведе воена акција во Украина и да ги заштити своите граници.

Бидејќи Русија веќе ја изгуби својата конвенционална војна, последиците од овој пораз постепено ќе се префрлат на руската територија и федералната влада со тек на време ќе ја изгуби контролата врз својата територија,“ порачал Подолјак.

29 мај 2023 - 11:32