Контроверзната њујоршка банка беше длабоко поврзана со глобалната финансиска криза која ја зафати и ЕУ во времето кога нејзин 'премиер' беше Португалецот Жозе Мануел Баросо. И заради сомнителни позајмици, кредити и хипотеки и заради тоа што со години ги учеше Грците како да ја кријат својата финансиска дупка
"И после сè, слушаме дека тој ќе работи за Голдман Сакс!", рече деновиве францускиот претседател кој смета дека иако правно е дозволен, таквиот потег на Баросо е морално неприфатлив.
Баросо кој ја водеше Европската комисија од 2004 до 2014 година, неодамна обелодени дека прифатил да биде член на Управниот одбор на банката и ќе ја советува за меѓународните операции по брегзитот.
Ваквиот негов потег наиде на остри реакции ширум Европа и многумина оценија дека е тоа многу лошо за имиџот на Унијата, во многу лошо време за неа. Португалските социјалисти потсетија дека Баросо ја водеше извршната власт на ЕУ во нејзините најлоши години а работното место е награда од банката на која ѝ беше дозволено да ги уништи социјалните права во Европа.
Голдман Сакс не е единственото прибежиште на ислужените европски државници. Тони Блер е пикнат во JП Морган Чејс а Герхард Шредер е во управниот одбор на "Северниот тек", нафтовод во сопственост на рускиот гигант Газпром. Оттука, разбирливо што во една прилика, некогашниот германски канцелар го оцени Владимир Путин како "беспрекорен демократ."
А за својот бербер и неговите 10 бона месечно, Оланд рече дека не знаел оти толкава му е платата ама дека е тоа смешна сума во однос на онаа која тој со неговите политики ѝ ја заштедил на Франција.
* изреката од наднасловот на статијата, кај Цепенков гласи: „Му се посмеа курвата на ороспијата". (поговорка број 1535)