Се работи за 30 мигранти, од кои 24 се од Бангладеш, кои биле киднапирани кога ја преминувале либиската пустина на патот кон ЕУ.
„Киднапираните се нечовечки измачувани во обид да се добие откуп за нив. Во еден момент од тортурата, тие го убиваат главниот киднапер. Како одмазда, вооружената група без запирање почнува да пука во киднапираните,“ се наведува во соопштението од министерството за надворешни работи на Бангладеш.
Освен 30-те убиени мигранти, има уште 11 кои со повреди биле примени во болница.
Ал-Џезира пренесува информација од либиски локален функционер според кого безбедносните сили решиле да не ги апсат убијците на мигрантите затоа што тие изгубиле член на своето семејство.
Либија е уште една успешна НАТО приказна, во која по интервенцијата на Алијансата во 2011 и елиминацијата на Гадафи, земјата живее во комплетен хаос и е поделена меѓу две ривалски администрации (составени од повеќе вооружени групи) кои се во постојан воен судир една со друга.
Благодарејќи на апокалиптичната состојба во Либија и нејзината географска близина со ЕУ таа последниве години стана главна станица за мигранти и бегалци од Африка во Европа.