Новиот пакет американска помош тера накај дефанзива?

Содржината на пакетот помош што САД и го испраќа на Украина главно дава увид за идните фази од украинските воени операции. Пред почетокот на контраофанзивата пакетот имаше повеќе оклопни возила и други системи неопходни за офанзивата. Новиот пакет, меѓу другото, има ХЕСКО бариери, кои главно имаат дефанзивна намена.

Во основа се работи за џамбо вреќи кои се полнат со земја или песок, и можат да се редат како коцки за да оформат ѕид или заштитна бариера. Бидејќи содржат значителна количина земја и материјал, ХЕСКО ѕидот може да издржи значителна експлозија и да спречи речиси секој тип на куршуми. Без разлика што намената не им е трајна структура, вреќите можат да го задржат структурниот интегритет повеќе од една деценија.

Иако создадени за контрола на поплави, ХЕСКО вреќите добиваат воена пренамена во 1960-те, а стануваат речиси задолжителни за сите американски воени бази во војните во Ирак и Авганистан.

Нивното внесување во војната во Украина се толкува како промена на стратегијата, која најверојатно во иднина ќе вклучува брзо поставување на дефанзивни позиции.

„Овие бариери ќе им овозможат на украинските сили брзо да ги утврдат своите позиции и да изградат експедициски бази на своите сегашни линии.

По поставувањето на овие утврдени позиции, украинските сили можат во нив да интегрираат друга клучна опрема, вклучително против-воздушни системи и опрема за електронско војување за блокирање дронови. Вакви позиции би биле тешки за освојување за руските сили,“ пишува Форбс.

Испораката на ХЕСКО може да значи и дека долгорочниот план на украинските сили е повеќе да се свртат кон дефанзива, која сама по себе бара помалку ресурси, што би било корисно во време кога постои потенцијална опасност меѓународната помош да секне.

28 декември 2023 - 12:03