Веста ја објавува Њујорк тајмс, и според нив неколку членови на израелскиот воен совет биле за итен воен одговор кон Иран. Меѓутоа немањето некоја посебно сериозна штета предизвикана од Иран, надополнето со разговорот на Нетанјаху со Бајден, на крај довело до откажување на каков било напад.
Бајден му објаснил на Нетанјаху дека пресретнувањето и соборувањето на речиси сите ирански дронови и ракети преставува голема победа за Израел, заради што не е потребна дополнителна реакција.
Како што проценува Њујорк тајмс обемот на иранскиот напад од саботата е далеку над досегашното темпо на судирот и спорадичните препукувања меѓу Иран и Израел.
„Иако бројот на дронови и ракети испукани кон Израел беше извонреден, не мина незабележано дека Иран ги најави своите намери една недела претходно и го објави лансирањето на дронови неколку часови пред тие да стигнат до израелска територија, давајќи и доволно време на одбраната. Заради сето ова некои аналитичари сметаат дека Иран со нападот само сакал да покаже сила и да си го обели образот по убиството на неговите офицери, а не и да започне целосна војна со Израел или САД,“ пишува Њујорк тајмс.