Моменталниот жртвен бiланс во Газа, темелен на бројки од здравствените власти во Газа изнесува 38.153 лица.
Меѓутоа, во писмото се вели дека таа цифра е далку под реалната и не ги зема предвид илјадниците луѓе кои се закопани под урнатините ниту пак оние кои се индиректни жртви на деструкцијата на Израел и колапсот на дистрибуцијата на храна, здравствените услуги и санитарните системи.
Се проценува дека под урнатините има преку 10.000 човечки тела бидејќи 35% од сите објекти во Газа се срамнети со земја.
„Вкупниот број на загинати е огромен со оглед на интензитетот на овој конфликт; уништената здравствена инфраструктура; сериозниот недостиг на храна, вода и засолниште; неможноста на населението да побегне на безбедни места и губењето на финансирањето на УНРВА, една од ретките хуманитарни организации кои сè уште се активни во појасот Газа“, се вели во писмото.
Со други зборови, неухранетоста, болестите и недостатокот на медицинска нега, сето тоа како резултат на бруталната инвазија, имаат земено десетици илјади животи.
Еден од главните придонеси за огромната загуба на животи и сето човечко страдање се 14.000 бомби, секоја тешка по еден тон, испорачани од САД до Израел. Овие бомби не само што предизвикаа непосредни жртви, туку и ја уништија инфраструктурата на Газа, влошувајќи ги условите што доведуваат до дополнителни смртни случаи. Уништувањето на здравствените установи, мрежите за дистрибуција на храна и санитарните системи го оставија населението во очајна состојба, пишува агенцијата Анадолија.