Баш ваков резултат имаше анкетата спроведена од ЈуГов нарачана од The Doha Debates, која е финансирана од Фондацијата Катар. Токму катарското кралско семејство имаше еден од најострите ставови против Асад (Емирот неодамна ги повика Арапите да интервенираат), но и покрај ова Doha Debates ги објави резултатите од анкета на својот вебсајт. На крај тие беа ингорирани од речиси сите новински куќи на Западот чии влади бараат оставка од Асад.
Главното откритие беше дека и покрај тоа што Арапите надвор од Сирија сакаат претседателот да си поднесе оставка, во земјата 55% од испитаниците сакаат тој да остане. Најголем дел од домашните го поддржуваат Асад стравувајќи дека неговото заминување ќе предизвика граѓанска војна, што е многу веројатна опасност за оние кои се во границите на земјата.
"Она што се помалку добри вести за Асад е што половината од оние кои не сакаат тој да си замине, веруваат дека тој мора да организира слободни избори во блиска иднина," пишува Џонатан Стил за Гардијан.
Западните медиуми вршат притисок и врз Арапската лига околу нивната мисија во Сирија. Кога Лигата ја поддржа зоната на забранети летови над Либија, таа доби висока пофалба од Западот за својата работа. Меѓутоа кога Лигата одлучи да се вмеша во Сирија таа беше нападната од западните влади и од опозициските сириски групи кои повеќе се залагаат за воено наспроти политичко решение.
"Во исто време драматична е и тишината во западните медиуми. Ниту еден репортер не го проследи неодамнешниот текст на Филип Гиралди, поранешен офицер на ЦИА. Во текстот објавен во American Conservative Гиралди тврди дека Турција, членка на НАТО, работи за Вашингтон и дека необележани воени авиони на НАТО пристигнуваат во Искендерун, близу границата со Сирија, каде што носат волонтери од Либија и оружја запленети од арсеналот на Гадафи. Гиралди пишува: 'Тренери од француските и британските специјални сили се на теренот и им помагаат на сириските бунтовници, додека ЦИА и специјалните единици на САД обезбедуваат опрема за комуникации и тајни информации кои ги помагаат бунтовниците...'" објаснува Стил.
Неговите проценки за претстојниот состанок министрите за надворешни работи на Арапската лига во Каиро е дека западните медиуми ќе ги пренесат само изјавите на министрите кои сметаат дека мисијата во Сирија го "изгубила кредибилитетот," дека е "прелажана од режимот" и дека "не успеала да го спречи насилството."