Главното тврдење во меморандумот е дека ФБИ и Департманот за правда му дале неточни информации на судот при барањето дозвола за следење на поранешниот советник на Трамп.
„Меморандумот тврди дека досието на Кристофер Стил - истражување од поранешен разузнавач на МИ6, кое е финансирано, делумно, од кампањата на Хилари - ’преставува клучен дел’ од барањето на ФБИ за налог за следење. А сепак, Бирото во ниту еден дел од барањето не го известило судот за улогата на Хилари во финансирање на собирањето податоци...
Понесовладливото обвинување од меморандумот е дека ФБИ при тоа претставиле докази кои ги поддржуваат тврдењата од досието на Стил - ама тие докази претежно се составени од статија на Јаху њуз која се базира на информации протечени од Кристофер Стил.
Ако ова е точно, и ако целиот случај на ФБИ е составен од досието на Стил и од статијата на Јаху њуз - тогаш излегува дека ФБИ го навел судот на погрешно мислење, намерно или не, и дека американски граѓанин бесправно бил мета на државен надзор и следење,“ се објаснува во текстот Њујорк магазин.
Забелешката на Вашингтон пост во целата работа е дека конкретниот налог, издаден од американскиот Суд за надзор на странско разузнавање (FISA - Foreign Intelligence Surveillance Court), во пракса се добива врз основа на ригорозна постапка во која се бараат многу докази, а не како што е наведено во републиканскиот меморандум врз основа на два извора.
„Затоа што го немаме ФИСА налогот и не знаме ништо околу мисловниот процес на кој и да го одобрил, речиси е невозможно да се каже дали досието на Стил бил ’клучно’,“ објаснуваат новинарите на Вашингтон пост.
На слична позиција околу процедурата за добивање налог од ФИСА е и Атлантик, кој пишува дека според експертите за национална безбедност „апликацијата за ФИСА налог е долга неколку дузини страници,“ а самото досие на Стил не е толку обемно.
За Слејт, меморандумот целосно му има завршено работа на Доналд Трамп и е победа за него.
„За најголемиот дел од Американците ќе биде доволно што претседателот објави дека неговиот сопствен федерален разузнавачки апаратус е корумпиран и го гони него, и згодно му создаде листа на непријатели што лагодно ги опфати сите негативци, од Кристофер Стил до Дејна Боенте (јавниот правобранител задолжен за надзор на истрагата за Русија) до Сали Јетс (поранешната јавна правобранителка што Трамп ја отпушти откако не сакаше да ја брани неговата забрана за влез на странци во САД) до Ендру Мекејб (кој се повлече од позицијата втор човек на ФБИ, откако одби ’да игра во тимот’ на Трамп).
Ако тука целта беше да се создаде сомнеж околу секоја агенција што може да спроведе истрагата против Трамп, тогаш тоа е постигнато.
Како што изјави Џон Меккејн, по објавувањето на меморандумот ’ако продолжиме да го поткопуваме нашето владеење на правото, тогаш ние му ја вршиме работата на Путин’,“ пишува Слејт.
ПДФ од целиот меморандум, тука