Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор во официјално писмо до шпанскиот крал Фелипе VI, инсистирал тој да ги признае злосторствата и да побара прошка за конечно да може да се постигне целосно помирување меѓу двете земји.
Од шпанската влада „категорично ги отфрлаат“ тврдењата во писмото, кое од шпанското министерство за надворешни работи беше препратено до монархот.
„Пристигнувањето на Шпанците пред 500 години на територијата на денешно Мексико не може да се суди од денешна перспектива. Нашата братска нација секогаш знаела како да го чита нашето заедничко минато без гнев и со конструктивна перспектива,“ се порачува во одговорот на шпанската влада.
Писмото е испратено на 500-годишнината од пристигнувањето на шпанскиот конквистадор Хернан Кортез на територијата на денешно Мексико, и два месеца по официјалната посета на шпанскиот премиер на Мексико.
Лопез Обрадор слично писмо има испратено и до Папата Франциско во Ватикан, во кое и на поглаварот на Католичката црква му се порачува дека треба да побара прошка за „прекршување на она што денес е познато како човекови права: имало убивања, казни... таканареченото освојување се водело со меч и крст.“
Извори од мексиканската влада објаснуваат дека извинувањето не се бара за самото освојување, туку за злосторствата извршени врз домородното население. Истите извори објаснуваат дека Мексико не бара никаква финансиска отштета, туку дека мексиканската влада е иритирана од тоа што Шпанија одбива да ги признае настаните што се случиле пред 500 години.
Во 2021 ќе се одбележи 500-годишнината од падот на Теночтитлан, престолнината на Ацтечкото кралство, и 200 години од независноста на Мексико.